Рецепт и видео презентација на Том Филос – Сонце погача.

Поздрав на сите, ова е СОНЦЕ ПОГАЧА, едноставна, брза, вкусна и декоративна. Погача за секој ден, може да се прави наместо леб. Вкусна, мека, воздушеста со убава румена коричка, претставува вистински украс на секоја домаќинска трпеза.

Потребни состојки:

700 г брашно, 1 лажичка сол, 200 мл топло млеко, 100 мл топла вода, 100 мл масло, 10 г сув квасец, 1 јајце. И уште ќе ви биде потребно: кашкавал и една жолчка разматена со 1 лажица млеко за премачкување на погачата.

Постапка:

Доколку имате миксер за месење тесто, сите состојки за тестото ставете ги да се миксаат додека да се добие убаво еластично тесто.

Тестото можете и рачно да го замесите: Во тестото направете вдлабнување, додадете го квасецот, млекото и водата кои треба да бидат млаки, маслото и јајцето на собна температура и посолете со една лажичка сол. Убаво измесете го тестото додека да стане мазно и еластично.

Оставете го во намастен сад и покријте го со проѕирна фолија, да стасува еден час. Потоа малку премесете го и на набрашнета работна површина развлечете го во кора со димензии на тепсијата  (28 см) во која ќе се пече.

Тепсијата добро намастете ја со путер и ставете ја кората во неа. Со чаша пресечете круг во средината, а потоа со остар нож исечете краци (погледни видео). Покријте ја со памучна крпа и оставете ја да одмора половина час.

Кога ќе стаса погачата, во секој од зраците ставете парчиња исечен кашкавал, а одозгора премачкајте ја со една жолчка разматена во малку млеко. Вака приготвената погача ставете ја да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 25 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: