Фото и рецепт: Мирјана Вујиќ – солени стапчиња со сирење – Ако сакате нешто домашно, брзо, а вкусно за закуска или грицкање пред телевизор, тогаш ова е вистинскиот рецепт за вас. одлични се како закуска, но може да ги приготвувате и за различни пригоди како родендени, слави и слично.

Потребни состојки: 100 г путер, 200 г ситно сирење, 200 г брашно
сол по потреба и по вкус, ½ прашок за печиво, 1 јајце за премачкување, сусам, ленено семе, афион, ким, семки од сончоглед, сончоглед од тиква или сруги семки за наросување.

Постапка: Путерот омекнат на собна температура добро соединете го со сирењето. Изгмечете го со виљушка или изматете го со миксер. Потоа додадете сол по потреба ако сирењето не е доволно солено, а потоа и брашното помешано со прашок за печиво.

Добро измесете за да се соединат сите состојки, па тестото завиткајте го во проѕирна стреч – фолија и оставете го во фрижидер во некој сад за да одмори еден час. Тестото можеби е најдобро да го приготвите и од претходниот ден, па по потреба да го искористите, половина од количината или целата.

Отстојаното тесто развлечете го во кора со дебелина од 2-3 мм, премачкајте ја одозгора со изматено јајце и наросете обилно семе по ваш избор. Исечете на стапчиња, редете ги во плех обложен со хартија и ставете да се печат во загреана рерна на 170 степени околу 20 минути.

Фото и рецепт: Мирјана Вујиќ