Рецепт и видео прилог на Бокина кујна – Унгарски солен ролат. „Овој ролат ме воодушеви, не само со својот изглед, туку и со вкусот. Ова не е класичен солен ролат кој се прави со кора, но верувајте, има божествен вкус.
Она што е најважно, воопшто не е тешко да се приготви. Совршено вкусно и декоративно предјадење кое не се пече!”, вели Бокица.
Потребни состојки: 450 г мешан зеленчук за руска салата (готова мешавина), 5 компири околу 250 г, 4-5 варени јајца, 1 лимон – сок, 6 лажици мајонез, 2-3 лажици кисела павлака, 30 г желатин, сол, црн пипер по вкус (ќе ви биде потребен калап со приближни димензии 26х10 см)
Постапка: компирот, излупете го и исечкајте го на ситни коцки и ставете го да се вари. Готовиот мешан зеленчук сварете го 10-тина минути, исплакнете го со ладна вода и исцедете го.
Ставете го во чинија за добро да се излади. Додајте го и сварениот, процеден компир. Кога се подизлади зеленчукот, прелијте го со лимонов сок и лесно малку промешајте. Посолете и запиперете по вкус.
Јајцата ставете ги во ладна вода со малку сол и сварете ги. Варените јајца прелијте ги со ладна вода и после 5 минути излупете ги, не треба да се сечкаат, се ставаат цели.
Од водата во која се варел зеленчукот издвојте 100 мл за да растворите 30 г желатин (3 кесички). Промешајте и оставете неколку минути за да набубри, па на тивок оган загрејте го за да се растопи.
Во посебен сад измешајте ги павлаката и мајонезот, па од смесата додавајте по малку во растопениот желатин, колку да се соедини, па целата смеса додајте ја во зеленчукот.
Промешајте и вкусете, па потреба дополнително зачинете. Калапот со димензии 26х10 см обложете го со проѕирна фолија, па во него излејте половина од смесата.
Во средината наредете ги јајцата, па одозгора прелијте ја преостанатата смеса. Потчукнете го калапот два пати за да излезе евентуалниот воздух, па ставете го во фрижидер, најдобро преку ноќ за убаво да се тегне.
Следниот ден превртете го на чинија за сервирање, отстранете ја фолијата, па декорирајте по желба и сечете. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: