Фото и рецепт: Маријана Кузмановиќ

Сокот од грозје зазема посебно место во секој дом поради својот вкус, но и хранливост, како и лековитост, а во период на пости, верниците го заменуваат виното токму со овој сок.

Потребни состојки:

10 литри вода
3 кг грозје Темјаника (или некоја друга сорта)
2 лимонтуси
600 г шеќер

Темјаника е македонското име за сортата Мускат. Мускатот е најголема фамилија од сите вински сорти, со бои кои може да бидат од зелена до речиси црна.

Темјаниката се карактеризира како бела сорта која дава суви и полусуви вина, со пикантна и мускатна арома и вкус. Оваа сорта е втората најраспространета сорта во Македонија.

Постапка:

Грозјето исчистете го и извадете ги само зрната. Убаво измијте го низ неколку води и скапаните или зелените зрна отстранете ги.

На оган ставете 10 литри вода со 3 кг грозје да зоврие. Од моментот на зовривање оставете да врие 10 минути.

Тргнете од оган и процедете низ сито, цедалка или газа. Добиениот сок вратете го повторно на оган, додајте 2 лимонтуси и 600 грама шеќер.

Оставете повторно да врие на умерен оган околу 10 минути. Потоа складирајте го топол во загреани и стерилизирани шишиња.

Некои од лековитите својства на сокот од грозје:

-го намалува нивото на лошиот холестерол
-придонесува за здравје на срцето
-го намалува ризикот од создавање на тромбови
-помага при дигестивни пречки
-го јакне имунитетот
-го подобрува метаболизмот

Сите оние што го одбегнуваат шеќерот и не можат да го пијат овој сируп, можат да исцедат свеж сок од грозје и да го замрзнат, бидејќи гроздовиот сок брзо ферментира.

Фото и рецепт: Маријана Кузмановиќ