Овие печива може да ги направите за час, толку се брзи, а излегуваат навистина многу. Од моето лично искуство, кога и да ги направам, целиот плех се јаде во едно седнување, никогаш не останало за подоцна. Сите дома ги обожаваме, а за убавиот вкус е задолжен рецептот за тестото кое е совршено осмислено и со перфектен сооднос на состојките.




Потребни ви се само неколку состојки за да замесите фино и меко тесто, а потоа само сечете и ги формирате печивата. Ако сакате топли печива за појадок, ручек или вечера кои може да ги комбинирате со ајвар, сиренце, нешто сувомеснато или едноставно со чаша јогурт, овој рецепт е за вас. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша вода (250 мл), 1 чаша млеко, 1 кесичка сув квасец (10 г), 2 супени лажици гранулиран шеќер, 1 лажичка сол, 1 шолја масло (190 мл), 5 чаши брашно. ЗА ФИЛОТ: 150 г чедар или друг кашкавал по ваш избор, 1 чаша скроб. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ ОДНАТРЕ: 100 г путер, 100 мл масло. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ ОДНАДВОР: 2 жолчки, 1 лажица млеко, семки по желба.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете ја водата, додајте го млекото, кое треба да биде на собна температура или малку замлачено, малку промешајте, па додајте го квасецот и 2 супени лажици шеќер. Промешајте ги состојките и почекајте неколку минути, додека квасецот да набубри.




Во активираниот квасец додајте го го брашното, помешано со солта. Брашното може да го додавате на два наврати, за полесно да ви оди месењето. Замесете фино и меко тесто, кое ќе биде компактно и мазно на површината. На крајот додајте го маслото, за тестото да не се лепи и месете го во садот уште 5 минути додека да се впие целосно.




Кога ќе го замесите тестото, покријте го со проѕирна фолија или со памучна крпа и оставете да нарасне на топло место, околу 45 минути. По изминатото време, префрлете го тестото на рамна, набрашнета површина и премесете го уште малку, додека да се испуштат насобраните гасови од него.




Формирајте го тестото во форма на топче или како балон и поделете го на 16 еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче, а потоа топчињата редете ги на плех, покријте ги со памучна крпа да не се сушат и оставете да отстојат уште 15-тина минути. Потоа, започнете со развлекување. Тегнете две по две кори на следниот начин.




Со оклагија развлекувајте едно по едно од топчињата со дијаметар од 35-40 см и по потреба додавајте скроб/нишесте, за да не се лепи. Развлекувањето оди прилично лесно, бидејќи тестото е доста еластично. По потреба додавајте брашно. Настрана, направете ја мешавината од масло и растопен путер, па премачкајте го првото развлечено тесто.

Одозгора ставете ја втората развлечена кора, премачкајте ја со мешавината од масло и растопен путер и поделете на 4 еднакви делови (четвртини). На подолгиот дел од парчињата наредете рендан кашкавал и започнете да виткате едно по едно тесто од подолгата страна, кон врвот.

Потоа краевите од завитканото тесто спојте ги (како на сликата) во форма на потковица или перек. Вака подготвените печива редете ги во плех, обложен со хартија за печење. На истиот начин подгответе ги и останатите кори за тесто. Ќе добиете вкупно 32 печива.

Подготвените теста покријте ги со крпа и оставете да отстојат уште 20-тина минути, на собна температура. Пред печењето премачкајте ги со жолчка и малку млеко, а по желба наросете сусам или некои други семки по желба. Ставете да се печат во претходно загреана на 190 степени, додека да поруменат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.