Фото и рецепт: Наталија

Прекрасен старински колач, толку мек и сочен што се топи во уста. А вкусот од рогач во комбинација со јаболката, циметот и аромата на румот ќе ве освои веднаш. Покрај тоа, многу е едноставен и многу лесно и брзо се приготвува.

Потребни состојки:

4 јајца
75 г шеќер
1 ванилин шеќер
125 мл млеко
75 мл масло
1 лажица арома од рум
100 г остро брашно
100 г рогач
1 прашок за печиво
1 лажичка цимет
4 поголеми јаболка

За глазура:

125 г чоколадо за готвење
25 г маргарин
2 лажици масло

Постапка:

Најпрво излупете ги јаболката. Во еден сад соединете ги сувите состојки: брашно, рогач, прашок за печиво и цимет.

Во друг поголем сад изматете со миксер јајца со шечер и ванилин шеќер, минимум 5 минути на најголема брзина додека јајцата да се запенат и побелат. Потоа додадете млеко, масло и арома од рум (може и вистински рум), па промешајте.

Потоа додадете ја и мешавината од суви состојки и соединете сè со миксер на најмала брзина, додека да добиете еднолична смеса.

На крајот во смесата изрендајте ги јаболката и рачно промешајте со лажица. Јас ги рендам јаболката на самиот крај директно во смесата за колач, за да не го испуштат сокот доколку би стоеле подолго време.

Инаку користев зелени јаболка Грени Смит. Тие се убави, сочни и киселкасти, но вие можете било која сорта да употребите.

Пригответе помал плех (30х20) или калап 26, малку намастете го и набрашнете го, па излејте ја смесата во него. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30-35 минути. Проверете со чепкалка дали колачот е печен.

Почекајте малку да излади, а потоа прелијте со глазура. Глазурата направете ја на следниот начин: Ставете чоколадо, маргарин и масло во помало тенџере на тивок оган, па мешајте додека да се растопат и соединат.

Колачот сечете го на коцки и уживајте во неговиот вкус.