Ја направив тортата за роденденот на сестра ми и сите гости беа воодушевени. Сите ми побараа рецепт, па затоа го споделувам со вас. Многу лесно се приготвува, од основни состојки, и иако е чоколадна, во составот не влегува чоколадо, туку истото вие го приготвувате со помош на какао, јајца и уште неколку состојки. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (калап за торта 18 см, за поголема торта удвојте ги количините): 80 г сенаменско брашно, 20 г какао во прав, 3 жолчки, 1/4 лажичка сода бикарбона, 1/2 лажичка прашок за печиво, 55 г шеќер, 1/4 лажичка сол, 50 г растително масло, 100 мл млеко, 1 лажичка ванилин екстракт. И уште: 3 белки, 60 г шеќер и 1/2 лажичка лимонов сок.

ЗА ЧОКОЛАДНА ГЛАЗУРА: 300 мл вода, 40 г пченкарен скроб/нишесте/густин, 350 мл млеко, 200 г шеќер, 50 г какао во прав, 1 лажичка желатин во гранулу/прав или агар-агар (растителен желатин), 150 г путер




ПОСТАПКА: Во посебни садови одделете ги жолчките од белките од три јајца. Со жица маталка разматете ги жолчките, па додајте 55 г шеќер. продолжите со мнатење додека шеќерот да се растопи, а жолчките да згуснат и побелат. Ако ви е полесно користете миксер, но лесно се матат и со маталка.




Во убаво изматените жолчки додајте 50 мл масло. Изматете додека маслото да се соедини и инкорпорира во смесата. Потоа додајте 100 мл млеко, четвртина лажичка сол, 1 лажичка ванилин екстракт, промешајте, па додајте 80 г просеано брашно помешано со 20 г какао, половина лажичка прашок за печиво и четвртина лажичка сода бикарбона.




Промешајте со маталката додека да се разбијат сите грутчиња и добиете изедначена, хомогена, чоколадна полутечна смеса. Тргнете ја настрана додека го приготвувате шамот од белки. Во посебен чист и сув сад ставете трите белки и изматете ги со миксер додека да запенат. Потоа додајте половина лажичка лимонов сок.




Продолжете со миксење, па започнете постепено да го додавате шеќерот (60 г). Непрекинато матите додека шеќерот целосно да се растопи и да добиете цврст снег кој не паѓа од лажица. Потоа лажица по лажица додавајте го снегот во претходно изматената чоколадна смеса со жолчки.




Мешањето мора да биде полека, со превртување на шпатулата или лажицата, за да се сочува пенливоста на смесата. Кога таа е воздушеста (од снегот на белките), бисквитот поубаво се пече и останува мек и сунѓерест како пена.

Смесата излејте ја во калап (18 см) обложен со хартија, потчукнете да излезат меурчињата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 160 степени околу 40-50 минути. Печениот колач потчукнете го неколку пати за полесно да се одлепи бисквитот, па превртете го да се суши врз решетка (заедно со обрачот).




ЗА ФИЛ-ГЛАЗУРА: Во еден сад ставете го скробот, додајте 300 мл вода и промешајте за да нема грутчиња. Во тенџере ставете шеќер, какао и мешавината од вода и скроб во тенок млаз додека мешате за да се соединат состојките. Додајте го желатинот, па ставете на умерен оган и мешајте додека да се растопат состојките.




Потоа додајте го млекото и непрекинато мешајте додека смесата да се свари и згусне како за глазура. Тргнете од оган и додека сè уште е топло додајте го путерот и мешајте додека тој да се растопи и инкорпорира. Во меѓувреме извадете го бисквитот од калапот, отстранете ја хартијата и пресечете го на три тенки кори.

ФИЛУВАЊЕ: Првата кора ставете ја во обрач па ставете фил, втората кора, па фил, третата кора и фил. Филот се става топол а после секое нанесување малку се протресува (тргнете малку настрана). Оставете ја тортата во фрижидер неколку часа, а најдобро преку цела ноќ. Потоа отстранете го обрачот и премачкјате ги страните со остатокот од филот. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.