Ако имате едно јајце, брашно и јогурт не пропуштајте да ги направите овие превкусни слатки кифлички кои се сечат со чаша и се пржат исто како уштипците и крофничките.

Добиваат уште подобар вкус ако ги премачкате со џем и ги наросите со мелени ореви или кокос. Лесно се прават и одлични се кога сакате нешто брзо и слатко. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 200 г густ јогурт или кисела павлака, 1 лажичка екстракт од ванила, 2 супени лажици шеќер, 2 супени лажици масло за готвење, 1/2 мала лажичка сол, арома од портокал или рендана кора по вкус од портокал, 350 г брашно, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 1 кесичка прашок за печиво (8-10 г), џем и кокос




ПОСТАПКА: Јајцето скршете го во подлабок сад и изматете го со жица маталка заедно со солта, шеќерот и ванилин шеќерот. Кога состојките ќе се растворат додајте го маслото и уште малку промешајте за да се инкорпорира.




Потоа додајте го густиот јогурт или киселата павлака, додајте арома и рендана кора од портокал по вкус (претходно портокалот добро измијте го и истријте ја кората со сода бикарбона или оцет).




Соединете ги состојките додека да добиете фина хомогена смеса. Во мешавината од течни состојки додајте го брашното помешано со прашокот за печиво. Мешајте со лажица или шпатула додека да се соедини, а потоа замесете со рака.




Тестото месете го неколку минути додека да стане мазно и еластично, средно меко по густина. Обликувајте топка, па тестото истресете го врз набрашнета работна површина и со оклагија развлечете тенка кора со дебелина од половина прст.




Со помош на чаша или модла сечете полумесечинки. Може да вадите и мали крофнички со ракиена чашка на пример, или кората да ја сечете на коцки, правоаголници, долгнавести стапчиња, баклавички или облици по ваш избор, но полумесечинките лесно се сечат, а многу се декоративни.




Во широка тава или тенџере загрејте масло со длабочина од 1-2 см на умерена температура, па спуштајте ги печивата и пржете ги од двете страни додека убаво да заруменат.

Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка и додека се топли премачкјате ги со џем од едната страна. По желба наросете ги со кокос. Деталите погледнете ги ОВДЕ.