Сникерс тортата е една од омилените торти, бидејќи го задоволyва сечиј вкус. Богата е со превкусни кремови, чоколадо и кикирики, а комбинацијата од карамел, чоколадо и крцкави јатки, едноставно е неодолива. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за 2 кори, калап 20 см): 3 јајца, 80 г шеќер, 1 прстофат сол, 30 мл масло, 50 мл млеко, 80 г брашно, 20 г какао, 1 лажичка прашок за печиво (5 г). ЗА КАРАМЕЛ: 220 г шеќер, 100 г путер, 160 г слатка павлака (30-36%), 1/2 лажичка сол, 150 г истостирани кикирики.

ЗА КРЕМ: 400 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија…), 30 г шеќер во прав, 1 лажичка екстракт од ванила, 150 г слатка павлака. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г млечно чоколадо, 30 г масло, 50 г сечкани тостирани кикирики




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете три јајца, 80 г шеќер и прстофат сол. Пенасто изматете со миксер додека шеќерот да се растопи, а јајцата да станат густи и кремасти, за што е потребно 10-15 минути непрекинато матење.




Кога добро ќе ги изматите јајцата додајте 30 мл масло, изматете кратко за да се инкорпорира, па додека непрекинато матите додајте 50 мл млеко во тенок млаз. Изматете и тргнете настрана за кратко. Во посебен сад измешајте ги сувите состојки: 80 г брашно, 20 г какао во прав и 1 лажичка прашок за печиво.

Просејте ги и на двапати додајте ги во кремастата смеса од јајца. Овојпат смесата не ја матите со миксер туку со жица маталка или лажица, полека и внимателно за да остане смесата воздушеста. Калапот за торти со флексибилен обрач 20 см обложете го со хартија.




Излејте ја смесата во калапот, израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути. За тоа време подгответе го карамелот: во сува тава ставете 220 г шеќер и растопете го на умерена температура. Кога ќе се карамелизира додајте 100 г несолен путер исечкан на коцки.




Мешајте додека да се растопи и соедини. Потоа додајте 160 мл слатка павлака. Мешајте непрекинато неколку минути на тивок оган. Најпосле додајте половина лажичка сол и промешајте да се растопи. Смесата треба да добие конзистенција на течен мед (кога се загрева), но имајте во предвид дека со ладење ќе згусне.




Карамелот претурете го во посебен сад и додајте 150 г кикирики (исчистени, излупени и претходно малку потпечени во сува тава). Промешајте и тргнете настрана. Извадете го печениот бисквит, малку оладете го, па превртете го и отстранете ја хартијата за печење. Пресете го на три тенки кори.




ЗА КРЕМ: Во подлабок сад ставете 400 г крем сирење, 30 г шеќер во прав, 1 лажичка ванилин екстракт и 150 мл слатка павлака. Изматете со миксер додека да добиете фин, нежен крем. Можете да започнете со редењето:




РЕДЕЊЕ (поставете висок обрач): кора, бел крем, карамел, кора, бел крем, карамел, кора. Вака наредената торта оставете ја во фрижидер да се лади 2- 3 часа, а потоа пригответе ја глазурата.




Растопете 150 г чоколадо на пареа или во микробранова, додајте 30 мл масло, промешајте да се инкорпорира, а потоа додајте 50 г ситно сечкани кикирики. Тортата извадете ја од фрижидер, отстранете го обрачот и прелијте со глазурата. Оставете да се стврдне на собна температура, а потоа и во фрижидер 10-15 минути.