Започна периодот на слави. Покрај задолжителната трпеза, во своите домови имаме и задолжителни типови на гости. Секоја куќа, мора да признаете, има гости со различни карактери, а ние ќе ги издвоиме најтипичните. Некои од нив се забавни, некои се „удав“-досадни, но реално, сите ни се мили и драги:

1.Коментатор

Неговата улога е да води полемика, да ги води темите и соговорниците, дава и одзема збор. Тој е вистински модератор на славата. За се’ има мислење, а доволно е некој од учесниците на дебатата само да му даде наслов за темата, а тој веднаш започнува: „Знаеш како! Да ти објаснам…“

Политика – тука не го чепкај!

Фудбал – би можел многу лесно да биде селектор!

Музика – ех, од Нирвана до Северина!

Градски приказни – он се’ знае, ама си молчи…

Само прашање е дали оваа година ќе налетате на некој нов, или на истиот од лани, па ќе мора одново да ги слушате истите приказни…

2.Во брзање

Ги знаете оние луѓе кои кога ќе дојдат, па уште од првиот миг ви даваат до знаење дека се само на минување: – Среќна слава домаќине, иако имаме уште на три места да поминеме, хехе, само онака, спомнувам, на здравје!

Седат како на игли – Ох, не можам уста да отворам, јадев кај кумовите, а што да се прави, кумови па кога ќе запнат, а наскоро мора да станеме! Кафе? Ајдеее едно на брзина!

Некако ви наметнуваат чувство на неугодност, па сакате во еден миг таа напнатост да ја прекинете, па на нивното „мора да тргнеме“, дури и не велите „поседете уште малку“.

3.Испраќач

 Сигурно ви е познат оној лик од славите што прв доаѓа а последен си оди?!

Сите имаат по еден таков. Него би можеле да го наречеме и бројач, бидејќи ги пребројува сите гости, а некои и ги испраќа со своите приказни. – Еееееее, морам јас прв да дојдам кај моите пријатели! Паа, ова се случува еднаш годишно – вели кога доаѓа. – Мааааа не си одам прв, не е убаво – вели подоцна и си заминува последен.

4.Дегустатор

Тоа се оние лица кои се концентрирани на храната и на нејзино коментирање. Тие мора се’ да пробаат, да прашаат како е направено, што има внатре, даваат свој коментар, обично од куртоазија – позитивен.

-Па ова е најдобрата сарма што сум ја пробал. А ова ми е трета слава! Да видам како ви испаднала руската, хахаха…. Но, никако не дава негативни критики. Славите се посебен гастрономски настан, а голема навреда за домаќините е ако ништо не јадете од трпезата.

5.Презентер

Тоа обично се тетките и сосетките кои сакаат да ги претставуваат гостите и да ги запознаваат едни со други – Ова е Јанината ќерка, знаеш? Она студира овде, убавица! Потоа се врти на другата страна од масата – Ми се чини дека вас ве познавам, вие сте лекар, Драган, така?

Тие ќе ве испрашаат за се’ или ќе ве претстават на гостите. Тие се еден вид електронски читачи на лични карти.

6.Раскажувач

Ова се луѓе кои мислат дека имаат што да кажат, па слушате неверојатни приказни „од мое време“. Тие го користат моментот што домаќините се должни да ги слушаат гостите без да ги прекинуваат, па додека догори славската свеќа, можете да слушнете и „како оделе со киломери пешки до школото“, „како во нивно време се фаќале девојките на улица а не на Фејсбук“…