Нема нешто поубаво од домашно приготвен бурек кој сите го сакаат. Може да го послужите за појадок со јогурт или кисело млеко.

Потребни состојки: 800 г брашно, 1 лажичка сол, 1 лажица масло, 500 мл вода, 400 г мелено месо, 150 г црвен кромид, 1,5 лажичка сол и 1 лажичка црн пипер

Постапка: Во подлабок сад ставете го брашното и промешајте го со една лажичка сол. Додадете една лажица масло, па постепено започнете да додавате 500 мл вода.

Мешајте прво со лажица, а потоа замесете со рака додека да добиете мазно меко тесто кое не се лепи. Врз набрашнета работна површина поделете го на три дела, а потоа секој дел формирајте го во топче.

Прекријте ги со крпа и оставете ги да одморат 5 минути. Потоа секое топче развлечете го во кора со величина на поголема чинија. Секоја кора намастете ја со масло.

Корите преклопете ги на половина во полукругови и оставете ги врз набрашнета површина да одмораат. Прекријте ги да не се сушат додека во меѓувреме го приготвувате филот.

За фил: 400 г мелено месо и ситно сечкан 150 г кромид измешајте ги во еден сад и зачинете со 1,5 лажичка сол и 1 лажичка црн пипер. Смесата измесете ја со раце.

Тегнење: врз маса постелете чист чаршав, па врз него ставете ја една од корите и полека започнете го тегнењето. Внимавајте тегнењето да го правите рамномерно за да не ви се искине кората.

Кората ќе излезе голема, па од неа ќе свиткате две ролни, од едната и другата страна, а на средината ќе ја пресечете (види видео).

На еден крај од тегнетата кора ставете фил, а врз целата површина наросете растопен путер. Со подигање на чаршавот свиткајте ја кората во ролат. Пресечете на половина, па истото сторете го и од другата страна.

Ролатите исечете ги на помали парчиња и виткајте ги како полжави (или правете други форми. Редете ги во намастена тепсија и ставете да се печат во загреана рерна на 250 степени околу половина час. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.