Коцките Шварцвалд (Schwarzwald / „Црна шума“) – се колач кој е идентичен по вкус и структура со познатата истоимена торта. Ова е, значи, Шварцвалд торта во мало… Буквален превод на името што го носи овој колач е „црна шума“, поради нејзиниот изглед и темното чоколадо кое се користи за нејзино приготвување.

Потребни состојки за бисквит: 8 жолчки, 250 г шеќер, 250 г ореви, 2 лажици остро брашно, 1 лажица какао, 8 белки – снег, сок од 1 лимон

Потребни состојки за глазура: 100 г чоколадо, 50 г маргарин, малку вода. За крем: 2 тегли вишни (компот), 3 – 4 лажици густин, 3 – 4 лажици шеќер (по вкус), 2 ванилин шеќери. За шлаг крем: 700 мл изматена слатка павлака.

Постапка: Во подлабок сад пенасто изматете ги белките додека да добиете цврст снег. Во посебен сад изматете ги жолчките со постепено додавање на шеќерот додека тој да се растопи и смесата да згусне и побели.

Потоа додајте лимонов сок, па наизменично додавајте брашно, какао и мелени ореви. На крај додајте го снегот од белки, но повеќе не матите со миксер туку со лажица или шпатула. Изедначете ја смесата и излејте ја во голем плех кој претходно сте го намастиле и наросиле со брашно.

Доколку сакате, плехот можете да го обложите со хартија за печење. Испечете една голема кора во претходно загреана рерна на 180 степени. Проверете со чепкалка кога е готова.

За крем: процедете го сокот од вишни (од компотот), одвојте малку за да го разматите густинот, а остатокот заедно со шеќерот ставете ги на оган. Кога ќе зоврие, во тенок млаз додајте го разматениот густин со постојано мешање.

Сварете го кремот исто како пудинг, со непрекинато мешање додека да се згусне. На крајот додајте ги целите вишни и ванилин шеќерот. Тргнете на страна целосно да се олади со повремено промешување за да не фати коричка.

Кога печената кора ќе се олади прелијте ја со чоколадната глазура (сите состојки растопете ги и соединете ги на тивок оган). Оставете да се олади и глазурата да стегне, па одозгора рамномерно распоредете го кремот од вишни. Израмнете.

Изматете ја слатката павлака додека да добиете шлаг, па покријте го колачот и израмнете или користете шп=риц за декорација. Најпосле, декорирајте со рендано чоколадо или чоколадо во прав, а по желба украсете со цели вишни.

II РЕЦЕПТ ШВАРЦВАЛД КОЛАЧ

Потребни состојки: калап 42х29 см. За кора: 200 мл масло, 5 јајца, 4 кесички чоколаден пудинг 164 г, 1 кесичка прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 140 г шеќер. За фил: вишни или цреши од компот 1 кг, 1 литар вода од компот, 2 кесички пудинг од ванила 74 г, 5 лажици вишновка или ракија од цреши.

За шлаг: 800 мл слатка павлака, 2 лажички екстракт од ванила, 2 рамни лажици шеќер во прав, 4 кесички шлагфикс. И уште: чоколадни снегулки 125 г и 12 вишни за декорација или повеќе ако одлучите да сечете на повеќе помали коцки.

Постапка: во подлабок сад пенасто изматете ги јајцата заедно со шеќерот и ванилин шеќерот. Матете додека да се растопи шеќерот. Додајте го маслото, промешајте, а потоа и сите останати суви состојки (пудинг и прашок за печиво) претходно добро измешани заедно.

Продолжете да матите додека да добиете изедначена, мазна смеса, околу 3 минути. Тестото за бисквит излејте го во калап 42х29 см претходно обложен со хартија за печење, протесете и израмнете, потчукнете малку за да изезат меурчињата, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути.

Додека се пече кората, во посебен сад процедете го компотот од вишни. Веднаш одвојте 10-тина вишни за декорација. Процедената течност од компотот измерете ја и доколку недостига, додајте вода за да имате 1 литар. Одвојте малку од течноста за да го разматите пудингот од ванила.

Остатокот од течноста заедно со вишните ставете ги во поголемо тенџере на оган. Додека се варат вишните, вие израмнете ја печената кора, односно засечете ги и отстранете ги неправилностите, односно површинскиот слој, за да може кората подобро да впива.

Отсечените парчиња издробете ги и вратете ги повторно врз кората. Во зовриените вишни постепено додајте го разматениот пудинг и непрекинато мешајте на намалена температура додека убаво да се згусне кремот. Врелиот крем со помош на кутлача рамномерно распоредете го врз кората.

Оставете на собна температура да се олади, а потоа во фрижидер да се стегне и добро излади. На крај изматете 800 мл ладна слатка павлака додека да добиете шлаг. Додајте 2 лажички екстракт од ванила и 2 рамни лажици шеќер во прав, 2 лажици вишновка. На крај додајте го шлагфиксот.

Рамномерно распоредете го шлагот преку колачот и израмнете. на крај завршете ја декорацијата по ваша желба со рендано чоколадо или чоколадо во прав и цели вишни. Оставете го колачот најдобро преку цела ноќ во фрижидер. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.