Кралицата на цвеќето – розата е растение од фамилијата Rosaceae, која брои од 3000 до 4000 видови. Поделени во 4 потсемејства, розите се делат во зависност на изгледот на плодот. Розите цутат дури 200 денови во годината.
Поголемиот дел од украсните видови рози се хибриди кои се одгледуваат за нивните цветови, мирис и боја. Познато е дека декоративните рози започнале да се одгледуваат уште во времето пред нашата ера на територија на Персија и Кина. До денес се задржани илјадници видови сорти кои со текот на времето мутирале.
Во фармацевтската индустрија се користи розовата вода и масло за изработка на козметички препарати, парфеми, лосиони, креми и лекови. Истовремено, во прехрамбената индустрија се користат плодовите од видот Rosa canina hips, позната како шипка од која се прават лековити чаеви, мармалади и слатки.
Листовите се користат за изработка на билни чаеви, а исто така познат е сирупот од роза кој има низа лековити и хранливи состојки. Во најголем дел розата се користи како природен аромат за најразлични видови производи.
Во медицината е познато дека некои видови рози се богат извор на витамин Ц, па оттаму се користат за изработка на медикаменти за имунитет и додатоци во исхраната.
Можеме да се сложиме дека ружите се навистина посебни и дека апсолутно секоја градина максимално ја разубавуваат. За да започнат ружите убаво да цветаат напролет и да ви ја разубават градината, се препорачува да се насадат доцна есен, но доколку веќе сте задоцниле, тогаш тоа можете да го направите и во рана пролет.
Секако најидеално време е во есен. При садењето, ружата треба да ја засадите во земја заедно со обвивката, а притоа да ја посадите што подлабоко.
Доколку ја садите во есен, тогаш не треба да ја поткаструвате, туку само добро да наѓубрите и да нафрлите доволна количина земја. Напролет само расчепкајте го хумусот и младите фиданчиња поткастрете ги и оставете само три, со должина од 15 см.
Доколку зимата е силна, со многу снег или мраз, може да предизвика штета на ружите и тоа во голема мера. За да ги заштитите зимно време користете најлон или слама, така што ќе ги завиткате околу нив и сите нови фиданки од земјата ќе ги потсечете.
РОЗИ ВО САКСИИ
Поголемиот број на рози (со исклучок на крупните ползавци) можат успешно да се одгледуваат во саксии. Најважно е да саксијата биде доволно голема, за коренот да има доволен простор за раст, а со добра дренажа и добра земја, ќе им обезбедите и проток на свеж воздух.
Сите сопственици на поголеми дворови и оние кои немаат проблеми со кртови во почвата, можат да ископаат дупка во почвата и да засадат рози во изобилство, каде и да посакаат. Останатите, на располагање имаат само едно решение – рози во саксии.
Тие често се среќаваат со бројни проблеми – немаат доволно слободен простор во дворот, некои делови од градината се во сенка или пак затскриени од големите крошни на дрвјата од кои не сакаат да се ослободат, а неретко ги мачат и кртови кои го уништуваат украсното цвеќе.
Саксиите со жбунести рози или ползечки рози, треба да бидат високи најмалку 40 см, да имаат одводни дупки за вишокот на вода и добра дренажа. Особено бидете внимателни кај пластичните саксии кои во зима страдаат од мраз, додека пак теракотните саксии даваат поголема свежина на коренот во топлите летни месеци.
Розата е кралско растение и како такво најдобро е да се одгледува на место каде што може да се шири во висина, ширина и длабочина. И воопшто – таа сака простор, во некои случаи – особено многу простор.
Покрај тоа, за да биде здрава една роза, има потреба од соодветна исхрана, наводнување, како и од простор и проветрување, а под тоа се подразбира одгледување во почва. За да одгледувате рози во саксии, треба да се придржувате кон одредени правила, советуваат од Хортикултура.мк
Најважно е да има доволен простор. Дури и минијатурни рози се чувствуваат подобро во релативно поголеми саксии, а големите рози – флорибунди, чајно-хибридните и почвопокривните, бараат минимум 40-60 литарски саксии, со минимален дијаметар на саксијата од 40 см.
Освен тоа розите во контејнери се потешки за одгледување во споредба со останатите домашни растенија и за да се развиваат добро, мора да ги почитуваме следниве барања:
Минимум 5-6 часа директна сончева светлина; саксиите не треба да имаат подлоги, за да не се задржува водата во коренот. Подлогата треба да е со одлична дренажа; земјата треба да биде со одличен квалитет, богата со хранливи материи, како и добро дренирана;
Редовно прихранување со ѓубриво, најдобро со побавно дејство. Ако се користат течни ѓубрива, треба соодветно да се применуваат – нту премногу често, ниту да се пропушти и да не се надмине дозата, бидејќи правилната исхрана е од суштинско значење за добро расцветано и здраво растение;
Местото треба да е со добра вентилација – ако воздухот застојува, растенијата се подложни на габични инфекции и вошки; идеални за избор се сорти од модерни хибриди, особено почвопокривните сорти кои имааат и специјални контејнерски серии, кои се одлични бидејќи добро цветаат и не растат преголеми.