Едносавни селски лепињи, а толку добри. Полнети се со моцарела во комбинација со едамер кашкавал, но секако тоа може да биде комбинација од сирење и кашкавал какви што вие сакате или имате.




Се печат на многу малку масло, па затоа не се масни, а тестото останува меко дури и кога ќе се оладат. Па така, ако случајно ви останат неколку лепињи од вечерата, и следниот ден ќе бидат одлични за јадење. Второто име им е ѓозлеме, но јас сепак повеќе ги сакам како „селски“. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г меко брашно + за премесување, 1 супена лажица шеќер, 1 кесичка сув кавсец (7 г) или 25 г свеж (1/2 коцка), 1 супена лажица сол, 50 мл масло, 300 мл млака вода, 3 брикети одмрзнат спанаќ, или ситно сечкан свеж (може и обарен), сирење и кашкавал за полнење по избор




ПОСТАПКА: Во длабок сад за месење тесто ставете го брашното, додајте шеќер и квасец, па промешајте. Потоа додајте сол, речиси целото масло (оставете малку за подоцна, околу една третина) топлата вода и трите одмрзнати брикети спанаќ.




Мешајте колку што е можно со лажица или шпатула додека да се впие течноста, а потоа замесете го тестото со рака. Тестото и натаму ќе биде лепливо, па наросете го со еден или два прстофати брашно и премесете го.




Најпосле прелијте го со остатокот од маслото, малку премесете го (ќе забележите дека веднаш ќе престане да се лепи), па оставете го во некој сад, покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло место без провев, да стасува 30-60 минути или додека убаво да го удвои волуменот.




Стасаното тесто премесете го со малку брашно, само заролајте го и поделете го на приближно десет еднакви делови. Од секој дел обликувајте топчиња. Топчињата покријте ги со фолија додека го приготвувате филот (изрендајте кашкавал и иситнете сирење).




Потоа секое топче развлечете го тенко со пречник од 20-25 см и на едната страна ставете фил. Преклопете ја со другата страна и притиснете за да се спојат краевите, за да не излегува филот при печењето.




Истата постапка повторете ја и со останатите топчиња тесто. Покријте ги со крпа додека го подготвувате тигањот и маслото во него да се загрее. Загревајте на силен оган, но не на најсилен. Масло ставете само колку да се намасти тигањот.




Ставете да се пече, па горната страна премачкајте ја со масло. После една минута превртете. Времето на печење е околу 4 минути. Печените лепињи ставајте ги на салветка па послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.