Без печење, плазма торта според рецептот на Беба од “Бебина кујна”. Тортата има неодолив вкус, целата е кремаста, а сепак компактна и убаво се сече на правилни парчиња. Можеби ќе си помислите дека и ова е една од многуте брзи торти кои се приготвуваат со бисквити, но сепак, пробајте ја, има оригинален вкус.

За да ја приготвите оваа извонредна торта, ќе ви бидат потребни следните состојки: 1 поголема кутија со плазма кекси (600 г), 200 мл сок од портокал (од тетрапак), 4 јајца, 150 г шеќер во прав, 50 г мелени ореви, по желба суво грозје, 2 х 4 лажици шеќер и 125 г маргарин или путер.

Постапка: за почеток, сомелете ги бисквитите, а јајцата извадете ги да отстојат на собна температура. Потоа одвојте ги белките од жолчките во посебни садови. Во жолчките додадете шеќер во прав и со помош на електричен миксер добро изматете ги.

Матете ги доволно долго додека смесата да побели и да добиете кремозна смеса. Потоа изматените жолчки додадете го маргаринот претходно омекнат на собна температура и исечкан на помали парчиња. Добро изматете додека да се соединат состојките во мазна смеса.

Додадете ги мелените плазма кекси, мелените ореви и по желба додадете малку суво грозје, претходно отстојано во сок од портокал или во рум (додека да набубри), па потоа процедено. Замесете ја смесата со рака додека постепено го додавате сокот од портокал.

Сокот додавајте го малку по малку додека со прстите ги разбивате грутките и добиете конзистенција на влажен песок. Состојките е потребно добро и рамномерно да се измешаат. Ова ќе биде подлогата на тортата и треба добро да се формира, да не е ниту премногу влажна, ниту премногу сува.

Ова тесто може многу лесно да се формира во облик каков што вие сакате. Може да го истресете врз чинија за сревирање и да ја формирате тортата со тркалезна форма или пак, на поголем послужавник и да формирате правоаголна форма. Дебелината на кората исто така, вие ја одредувате.

Вака формираната подлога оставете ја во фрижидер малку да се стегне и олади, а за тоа време пригответе го вториот слој, филот од белки. Во подлабок сад пенасто изматете ги белките, па започнете постепено да додавате четири лажици шеќер во прав.

Матете доволно долго додека да добиете густ снег кој не паѓа од маталките и садот кога ќе го превртите. Изматените белки тргнете ги на страна. Во тенџере на умерен оган ставете 4 лажици кристал шеќер за да се растопи. Не мешајте со лажица, туку само протресувајте го тенџерето.

Кога шеќерот ќе се растопи и карамелизира (внимавајте да не ви загори), постепено додадете го во тенок млаз во снегот од белки. матете за сето време со електричниот миксер во времетраење од пет минути. На крај ќе добиете прекрасен мазен и густ крем со вкус на карамел.

Со добиениот крем премачкајте ја подлогата. Рамномерно распоредете ја преку целата површина и израмнете одозгора и од страните. Колачот оставете го малку во фрижидер да се олади и стегне, па послужете го. деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.