Многу лесна и интересна постапка за да направите вкусна и крцкава погача. Ако сакате да ги изненадите гостите и домашните со нешто вкусно и необично, направете ја оваа погача која вреди и за мирис и за вкус.

Замесете го тестото, а после тоа сè e многу полесно бидејќи не треба долго да се развлекува и тегне тестото.

Рецепт 1 ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 1 лажичка шеќер, 1 лажица сув квасец, 1 јајце, 6 лажици масло, 2 лажички сол, 850 г брашно. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 100 г путер, 1 жолчка, 1 лажица масло, 1 лажица млеко.

ПОСТАПКА: Во 500 мл млако млеко ставете една лажичка шеќер и една супена лажица сув квасец. Се остава 5 минути да се активира, па се додава едно јајце, 6 лажици масло, сол и брашно. Се замесува убаво мазно тесто и се остава да стаса.

Потоа се дели на 4 делови, се развлекува секој дел во круг со пречник од 20 см. Премачкајте ги трите круга со омекнат путер. Последната кора не се премачкува.

Сите четири кори заедно се развлекуваат во круг со пречник од 40 см и се премачкува со преостанатиот путер.

Потоа кругот исечкајте го на коцки од 5 см и редете ги без некој ред, односно нафрлајте ги во калап со пречник од 26 см, претходно намастен со путер или обложен со хартија.

Оставете ја погачата да стасува 40 минути, премачкајте ја со разматена жолчка, 1 лажица масло и 1 лажица млеко.

Ставете да се пече на 170 степени, 40 минути. Ако повеќе сте љубител на лисната погача, тогаш ви го претставуваме следниот рецепт кој досега се покажал како најдобар во однос на размерот на состојките кој е многу важен за правење на убаво и меко тесто.

Рецепт 2 ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500+50 г меко бело брашно, 1,5 лажичка сол, 1 пакување (10 г) сув квасец или 20 г свеж, 200 мл млако млеко, 200 мл млака вода, 1 лажичка шеќер и 5 лажици масло.

За премачкување на тестото: 125 г путер или маргарин, доста мек, сирење по вкус, за премачкување на погачата: 1 жолчка, 1 лажица вода.

ПОСТАПКА: Измешајте млака вода и млеко, додајте лажичка шеќер и квасец.

Оставете неколку минути на топло за да се активира квасецот (ова важи ако користите сув, а доколку користите свеж, ќе ви биде потребно малку повеќе време и во него треба да се додаде и малку брашно).

Во сад за месење просејте 500 г меко бело брашно, додајте сол и промешајте. Во средината направете вдлабнување, па во него ставете го активираниот квасец и маслото.

Замесете меко тесто, меко колку да не се лепи на рацете. По потреба додајте уште малку брашно, но не многу.

Тестото обликувајте го во топка, прекријте го и оставете го да стасува околу половина час. Стасаното тесто премесете го, па поделете го на пет или шест еднакви делови.

Од секој дел направете топче, па со оклагија развлечете го во круг со дебелина од околу 5 мм.

Секој круг премачкајте го со омекнат путер или маргарин, па наредете ги еден врз друг. Последниот не се премачкува. Вака нареденото тесто со оклагија развлечете го во голем круг со дебелина од 6-7 мм.

Преку цела површина премачкајте го со путер, наросете со сирење по желба и свиткајте го во ролат.

Ролатот малку истенчете го со рацете да добие во должина, па со тенок остар нож сечете го на парчиња со дебелина од околу 1,5 см. Дното на тркалезен калап со пречник од 24-26 см обложете го со хартија, за ѕидовите премачкајте ги со путер.

Покрај ѕидот на тепсијата редете ги парчињата исправено, а во средина редете ги со сечената страна кон горе. Оставете го тестото добро да стаса во плехот, на топло место, барем половина час. Рерната вклучете ја добро да се загрее на 200 степени.

Жолчката разматете ја со една-две лажици вода и премачкајте ја погачата. По желба можете да наросете сусам.

Ставете ја да се пече на 200 степени околу 5-10 минути, а потоа намалете на 180 степени и продолжете со печење уште 35-40 минути, во зависност од вашата рерна.

Доколку површината на погачата пребрзо зарумени, прекријте ја со алу-фолија да не прегори.

Печената погача треба да е убаво румена и лесна на допир, кога ќе ја чукнете со прстите одозгора треба да звучи како да е шуплива. Извадете ја од плехот и оставете ја да се олади на решетката.