Шарена, интересна и со многу пријатен вкус, брзо се приготвува, кога и да ви се пријаде само изматете и испечете. Јас ја правам и за родендени, но и секојдневно. Уште поубаво изгледа кога се пече во некој калап со необичен облик или куглоф. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 200 мл масло, 200 мл јогурт, 250 г брашно, 1 лажичка сол (10 г), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 150 г шунка или нешто сувомеснато, 100 г кисели краставички, 200 г младо сирење (ако ставате фета тогаш само 150 г и помалку сол во смесата).




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги јајцата и додајте сол. Добро изматете ги со помош на жица-маталка, не ви е потребен миксер. Додајте една чаша јогурт и една чаша масла, па повторно изматете додека да се изедначи смесата.




Потоа додајте 250 г брашно помешано со една кесичка прташок за печиво. Добро промешајте додека брашното целосно да се впие во течните состојки и да нема грутчиња. Смесата треба да биде изедначена и мазна.




Исечкајте 150 г шунка на мали коцки, 100 г кисели краставички (корнишони), исто така ситно исечкјате ги, а сирењето ситно издробете го, но оставете да има и некои покрупни парчиња. Сите овие состојки додајте ги во смесата.




Измешајте полека со лажица или шпатула за да се распоредат новододадените состојки и да дојде до изедначување на смесата. Доколку користите огноотпорен или керамички сад за печење, тогаш само намастете го, а доколку користите плех, тогаш намастете го и наросете го со брашно.




Целата смеса излејте ја во подготвениот калап со средна величина, распоредете рамномерно, израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 35 минути или во зависност од рерната.




Печената пита покријте ја со кујнска крпа и оставете ја така да отстои најмалку 10-тина минути за да се подизлади. потоа сечете ја и послужете ја со чаша јогурт или кисело млеко. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.