Во последно време сè поголем е бројот на градинари аматери кои се заинтересирани за одгледување на домашни, органски пиперки, а исто така има и земјоделци кои сакаат да одгледуваат нови сорти на пиперки кои го привлекуваат вниманието со својот облик, боја, големина и лутина.

Пиперката е термофилна култура односно култура која бара топлина и за да одгледувањето на пиперките биде успешно или за да се осигура рано проиводство, најдобро е самите да си произведете расад, објаснува Агроклуб.

За да се произведе расад за пиперки потребно е најпрво да се одбере семе од соодветна сорта кое пред сè треба да биде квалитетно. Кога се користи семе од сопствена градина, плодот на пиперката треба да биде физиолошки зрел.

Треба да се знае дека семето од чили пиперките е малку потврдо и никнува поспоро отколку семето на благите сорти. Семето на пиперките чувано во добри услови може да се користи и после 3 до 4 години.

„Без разлика на тоа колку години се занимавам со градинарство, секојпат ми е возбудливо да гледам како семето ‘рти и кога гледам како расте расадот“, вели Јела во нејзината нова видеопрезентација во која го сподели рецептот за природно прихранување на пиперките.

„Ако сте почетници во одгледување на пиперки, морам да ве предупредам дека фазата за нивното расадување може да биде тешка. Овие млади билкички имаат специфични потреби за светлина, ѓубриво, вода и пресадување за да можат добро да растат а подоцна да дадат и многу плодови.

За да имаат убави листови и младите билки побрзо да бујат, а подоцна да дадат повеќе цветови и плодови, потребно е правилно да се прихрануваат. Како прихрана може да се најдат бројни различни производи на пазарот, но доколку сакате органско производство, тогаш билките можете да ги поѓубрите на сосем природен начин.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 супена лажица сув квасец, 1 супена лажица сода бикарбона и 1 литар топла вода. ПОСТАПКА: сите состојки промешајте ги додека да се растворат и оставете покриено да отстои два часа. Потоа, целата оваа содржина растворете ја со 10 литри вода на собна температура.

Со оваа течност залејте ги вашите билки. Квасецот содржи витамин Б, минерали и други состојки кои благопријатно им делуваат на билките. Со додавање на квасецот во почвата значително се зголемува количеството на азот и фосфор кои им се потребни за да растат и бујат, а воедно им се јакне и кореновиот систем.

Сода бикарбоната спречува заболување на корењата како и разни габични заболувања кои се честа појава кај билките. И, како што веќе напоменав, овој еден литар растворен квасец со сода бикарбона, треба да се разблажи во 10 литри вода, што значи на секој литар обична вода за залевање да додавате по 100 мл од растворот.

РЕЗУЛТАТ: Ја зголемува отпорноста на билките од болести, суша, студ и други штетни влијанија, преку зајакнување на нивниот општ имунитет. УПОТРЕБА: Со овој раствор залевајте ги билките два до трипати месечно.

Да се избегнуваат нагли промени на температурата

За ‘ртењето, никнувањето, растот и развојот, големо влијание има температурата. Топлината е неопходна во сите фази од развојот на пиперката. При одгледувањето на расад за пиперки треба да се избегнуваат наглите промени на температурата, бидејќи тоа негативно влијае на растот и развојот на ова растение, советуваат Агроклуб.

На температура под 14 степени Целзиусови застануваат процесите во семето кое ‘рти и доаѓа до пропаѓање на активираното семе. Доколку вредноста на температурата се движи помеѓу 26 и 28 степени Целзиусови, пиперката ќе никне за помалку од 10 дена. Намалувањето на температурата доведува до продолжување на времето на ‘ртење и никнување, а премногу долг период доведува до пропаѓање на семето.

Откако младите растенија ќе никнат, температурата се смалува за да се спречи издолжување и да се овозможи подобар развој на коренот. Температурата се намалува до 18 степени Целзиусови, а најмалку до 16. Овој период со намлена температура трае сè додека да се развијат два листа и тогаш температурата се покачува над 20 до 24 степени Целзиусови.

Треба да се полеваат со вода на собна температура

Температурата во текот на ноќта треба да биде пониска за да се осигура подобар развој на коренот и да се спречи негово прегрејување. Во текот на ноќта температурата треба да се движи помеѓу 15 и 18 степени Целзиусови.

Доколку семето го посеете во садови, растојанието на кое треба да ги поставите семињата е 1,5 до 2 сантиметри. Слојот на супстратот со кој се покрива семето треба да биде дебел 1 до 1,5 сантиметри. Наводнувањето треба да биде со вода која има собна температура, бидејќи ладната вода може да предизвика шок при ‘ртењто и да го намали имунитетот на растението.

После 3 до 4 недели од сеидбата младото растение ќе развие листови во пар. Младите растенија кои имаат само котилидони листови се премногу млади и лесно можат да се скршат. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.