Направете совршена салата од модри патлиџани која можете да ја јадете и како целосен оброк, иако е замислена само како зимска салата. Одлично се комбинира со некое печено месо, но може да се јаде и како мезе, закуска или да се става во сендвичи.




Подготовката на зимниците е она што го обележува крајот на летото и почетокот на есента, па она што задолжително секое домаќинство го подготвува се разните овошни сокови, џемови и слатка, но и зеленчуковите намази и салати како што се ајварот, пинџурот и македонската пиперка на „1001 начин“.




Ќе ви откриеме еден рецепт за одлична салата која се приготвува со модар патлиџан, а која нема да ви одземе многу време, како ајварот на пример. Покрај тоа, евтина е, а цела зима ќе можете да уживате во нејзиниот богат вкус. Еве што ви е потребно за оваа салата:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг модар патлиџан, 1 кг домати, 500 г црвени пиперки, 400 г моркови, 1 голема главица кромид, 1 главица лук, малку лута пиперка по вкус, 40 г свеж магдонос, 100 мл масло, 25 мл бел оцет 9%, 1,5 супена лажица сол, 80 г шеќер. Оваа количина е доволна за 4-5 големи тегли.




ПОСТАПКА: Патлиџанот добро измијте го, отстранете ги дршките, па секое парче пресечете го најпрво надолжно на половина, а потоа секоја половина на полумесечини со дебелина од 1 центиметар.




Исечениот патлиџан посолете го со една лажичка сол, промешајте го за да се обложи рамномерно и оставете го да отстои 10-15 минути за да му излезе горчињата и да го ослободи вишокот сок. За тоа време изрендајте го морковот и пригответе го доматот: измијте го, исечете го на помали парчиња и сомелете го во блендер.




Доматот блендирајте го додека да добиете фино и мазно пире. Во широка и длабока тава загрејте го маслото и истурете го доматното пире претходно што го изблендиравте. Кога ќе започне да врие додајте шеќер и посолете по вкус.




Промешајте и гответе 10 минути од моментот на зовривање, а потоа додајте го ренданиот морков, исечканата пиперка (на покрупни парчиња), ситно сечканото луто пиперче, како и исечениот кромид на тенки полумесечинки. Промешајте и поклопете.




Под капак гответе 10-тина минути од моментот на зовривање, па додајте го отстојаниот патлиџан исцеден од испуштениот сок. Помешајте ги продолжете со готвење под капак уште 15-тина минути. Потоа додајте мелен лук, сечкан магдонос и оцет.

Промешајте, поклопете и гответе уште 5-7 минути, па складијате топло, во топли и стерилизирани тегли. Затворете ги, завиткајте ги и оставете ги така да се оладат до следниот ден. Зимницата чувајте ја темно и ладно место со константна температура.