Многу вкусен ролат, декоративен и лесен за подготовка.

Потребни состојки:

5 јајца
5 лажици шеќер
5 лажици брашно
1 лажица какао
1 прашок за печиво
2 лажици сок од мандарини

за крем:

400 мл млеко
1 жолчка
1 пудинг од ванила
5 лажици шеќер
1 лажица густин (може и меко брашно)
150-200 г путер
6-7 мандарини

Постапка:

Белките изматете ги со 1 лажица шеќер и прстофат сол. Жолчките изматете ги со шеќерот (4 лажици) додека да побелат. Додадете го сокот од мандарини.

Брашното измешајте го прашокот за печиво, какаото и просејте ги, па постепено додавајте во жолчките. Наизменично со лажица додавајте и од снегот белки. Внимателно мешајте со лажица за да остане смесата пенлива.

Смесата излејте ја во обложен плех (36х26 см) со хартија и печете во загреана рерна на 180 степени околу 10-15 минути. Печената кора заедно со хартијата свиткајте ја како ролат во крпа и оставете да излади.

За крем: Ставете 300 мл млеко да се свари. Во преостанатите 100 мл измешајте 1 жолчка, 1 пудинг од ванила, шеќер и една лажица густин. Промешајте да нема грутки и додадете во врелото млеко.

Варете со постојано мешање додека да згусне. Кремот одтавете го да излади со повремено промешување за да не фати кора. Потоа додадете 150 грама путер добро изматен со миксер и заедно убаво соединете ги.

Кората внимателно одвиткајте ја, филувајте ја со кремот, а на едниот крај наредете излупени мандарини. Цврсто свиткајте го ролатот, украсете по желба и оставете добро да излади.