I РЕЦЕПТ – Ролат со обланди, излегува навистина многу, превкусно и декоративно. Фотографија и рецепт на Зорка Јанчева. Потребни состојки (за една кора, потребни се две): 5 јајца, 4 филџани за кафе шеќер (или 5), 5 брашно, 2 лажички прашок за печиво (може и една цела кесичка),

Потоа, 2 лажички ванилин шеќер, 1 филџан масло, 1 филџан млеко, 1 пакување обланди. И уште: џем од кајсии или шипки или било кој друг. За фил: 1 литар млеко, 400 г шеќер (2 големи лажици брашно), 1 пудинг од чоколадо (или 2 пудинг од ванила) и 250 г маргарин / путер.

*филот се прави на крај, пред виткање на корите во обланда. Постапка: Се матат јајцата со шеќер и ванилин шеќер, па се додава постепено маслото и млекото и на крај брашното помешано со прашокот за печиво. Се прават две вакви смеси, а во едната се додава 2 лажици какао.

Корите се печат 15 минути, прво на 250, па на 200 и на крај на 150 степени. (1 начин: Печените кори кога ќе изладат се премачкуваат со џем, се редат една врз друга за да се залепат, обично врз жолтата се става кафеава кора, се оставаат малку да впијат џем, па се сечат на десет ленти).

За фил: се меша пудингот со брашното и една лажица шеќер. На ова му се додава малку од млекото и се меша да се добие смеса без грутчиња. Потоа млекото, путерот и останатиот шеќер се ставаат на оган да зоврие. Во зовриеното млеко се додава смесата и се меша додека да згусне.

2 начин за фил: се прави карамел од шеќерот, се става млекото, па кога ќе проврие се додава изматениот пудинг со малку млеко, па кога филот ќе згусне, додека е врел во него се додава 250 г путер и се меша уште 2-3 минути. Според вториот начин: Секоја кора се сече на 10 ленти.

Обландата се мачка со врелиот фил, а потоа се става една жолта, една кафеава, се мачка со фил, па потоа одозгора се редат спротивни бои: врз кафеавата лента се става жолта, а врз жолтата – кафеава. Потоа се филува и се витка обландата во коцка. Се остава во фрижидер да се стегне.

II РЕЦЕПТ ЗА ШАХ ТОРТА. Фотографии на Суе Манговски. Рецепт на Славица Георге. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 12 лажици шеќер, 6 лажици топла вода, 12 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер. Постапка: Се матат белките со шеќерот во цврст снег, се додаваат жолчките па брашното со прашок за печиво.

Се пече 45 минути на 180 степени во тркалезен калап. Ова е белата кора, се прави уште една, кафеава кора: сè исто плус се додаваат 4 лажици какао. За фил: 5 шолји млеко, 2 шолји шеќер, 2 шолји гриз. Постапка: Се става на оган и се вари со постојано мешање додека да згусне.

Настрана пенасто се мати 1,5 путер (375 г), па се меша со изладениот крем. Редење: Двете кори се сечат хоризонтално надолж да добиете од секоја по две, вкупно 4 кори. Направете форми-кругови од хартија почнувајќи од помало кругче па до најголемо, видете фото, па користете ги како модли според кои ќе ги исечете корите.

Потребни ви се 4 кругови со различна големина, па кога ќе ги исечете ќе добиете 4 прстени и едно мало, централно кругче. Потоа следува комбинирањето, вадете еден прстен од белата кора и заменете го со прстен од црната кора. Така ќе добиете наизменично шарени четири кори, меѓусебно споени со фил.

Редете кора со прв кафеав прстен, премачкајте со фил, па потоа кора со прв бел прстен и продолжете така до крај. Тортата декорирајте ја по желба и изладете пред послужување.

III РЕЦЕПТ Брз колач со павлака – измати, истури и испечи. Ова е уште еден брз колач кој секогаш прв исчезнува од маса. За оние кои сакаат кремасти колачи и не сакаат многу тесто… Овој колач мора прво да преноќи и следниот ден е многу сочен…

Потребни состојки: 5 јајца, 250 г шеќер, 100 мл масло, 100 мл врела вода, 250 г брашно, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 2 лажици какао. За фил: 2 пудинг од чоколадо, 1 литар млеко, 6 лажици шеќер.

За прелив: 4 кисели павлаки од 180 г (20% м.м.) или милерам. 5 лажици шеќер, 4 ванилин шеќер. Постапка: Изматете ги белките, шеќерот, жолчките и ванилин шеќерот. Потоа додадете масло и вода, па брашно и прашок за печиво. Тепсија со величина приближно 25х35 см намастете ја и набрашнете ја.

Треба да биде малку подлабока. Во меѓувреме сварете го пудингот. Половина од тестото истурете го во тепсијата, а во другата половина додадете какао и добро промешајте да добиете кафеава смеса. Потоа со лажица или кутлача вадете од кафеавата смеса и ставајте врз жолтата смеса за да добиете шарена кора (како шах или слично).

Додека е топол пудингот на ист начин како кафеавата смеса и него ставете во тестото. Потоа ставете го колачот да се пече. Додека тој се пече вие изматете ја киселата павлака со шеќерот и ванилата. Веднаш врз врелиот колач кога ќе се испече истурете ја изматената павлака и израмнете.

Прво оставете го да излади до собна температура, па ставете го во фрижидер за да излади убаво и да впие од павлаката. Колачот се послужува ладен и верувајте нема да се покаете ако го направите. Кога јас првпат го правев, веднаш набрзина се изеде, а она што е уште поинтересно е тоа како пудингот успева да заврши најдолу. Можете да го приготвите и со пудинг од ванила.

IV РЕЦЕПТ – Посна зебра торта многу вкусна, брза и едноставна за подготовка. Фотографија и рецепт на Валентина Делиманчева Андреева – посна зебра колач. Рецептот и убавите фотографии од оваа декоративна посна торта ни ги презентираше нашата драга членка Валентина Делиманчева Андреева во групата НМД рецепт.

“Почнаа Божичните пости, па еве еден убав предлог за посна торта или посна зебра колач. Во рецептот се користи газирана вода, но јас употребив прилепска газоза, па мирисот и вкусот на тортата излегоа преубави”, ни откри Валентина и додаде: “Кога ја извадив од рерна печената торта веднаш ја премачкав со мармалад.

Пробајте, нема да се покаете. Состојките само добро измешајте ги, а во половина тесто ставете какао. Тестото несмее да биде течно. Употребете тавче бр.30 намастено и наросено со брашно и многу внимателно со лажица наизменично ставајте од тестото почнувајќи од средината на тавчето без да ви подлизнува за да добиете ефект на зебра…”.

Потребни состојки: 2 чаши (од 200 мл) газирана вода, 1 чаши шеќер, 1 чаша масло, 1 ванилин шеќер, 4 чаши брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици какао. Постапка: Во подлабок сад за матење ставете ги водата, шеќерот, маслото и ванилин шеќерот, па изматете го со жица или со виљушка.

Оставете ја смесата да одмори 5 минути. Потоа постепено додадете го брашното и прашокот за печиво. Убаво промешајте додека смесата да се соедини и изедначи, а потоа поделете ја на два дела. Во едниот дел додадете какао и убаво промешајте целата смеса да стане кафеава.

Во намастен и наросен со брашно калап бр.30 во центарот (средината на калапот) ставајте со лажица наизменично од белата и од црната смеса, се додека да се потроши целата количина. Тортата ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Додека е топла печената торта премачкајте ја со мармалад по ваш избор и наросете со шеќер во прав.