Ова е рецепт за колач кој го видов на интернет, а кој е неверојатно популарен. Сакав да го испробам и секако, тоа го направив. Се приготвува многу едноставно, сè се мати, се прелива со чоколаден прелив, кој е феноменален, а исто така едноставен.

Потребни состојки:

280 г брашно
180 г шеќер
50 г какао
на врв лажичка сол
1 лажичка сода бикарбона
3 јајца
1 ванилин шеќер
60 мл масло
280 мл млеко
60 г путер
+3 банани
калап 24 см
се пече на 170 степени, 45-50 минути

За прелив:

60 г шеќер
20 г какао
60 мл млеко
60 г путер

Постапка:

Прво измешајте ги сувите состојки во еден поголем сад: 280 г брашно, 180 г шеќер (во оригиналниот рецепт имаше повеќе), 50 г какао, прстофат сол и една лажичка сода бикарбона.

Во истата смеса додадете три јајца и една кесичка ванилин шеќер, 60 мл масло, 280 мл млеко и 60 г путер на собна температура.

Сите состојки заедно убаво изматете ги со миксер започнувајќи од најмала брзина, па постепено зголемувајќи додека да добиете убава мазна, полутелна смеса.

Калап со величина 24 см (или 26) намастете го со путер и обложете го со хартија за печење, а рерната вклучете ја да се загрева на 170 степени. Излупете две-три банани и отстранете им ги краевите. Исечете ги на малку подебели тркалца (приближно 2 см дебелина).

Бананите наредете ги на дното од калапот, па врз нив излејте ја претходно приготвената смеса. Рамнемерно прелијте преку бананите, па ставете да се пече во загреана рерна околу 40 минути.

За прелив: Во едно тенџере ставете 60 г шеќер, 20 г какао и 60 мл млеко, па промешајте со жица. Загрејте на тивок оган, па кога ќе се загрее пастата додадете 60 г путер. Мешајте додека да се растопи и соедини. Печената торта прелијте ја со чоколадниот прелив. Деталите погледнете ги во видеото: