За кефрот како млечен напиток нема потреба многу да говориме, сите знаеме дека е исклучително здрав.

Но она што е помалку познато е дека од кефирните зрнца можеме да приготвуваме разни напитоци кои се исто така многу здрави и лековити.

1.Потребни состојки за млечен кефир:

околу 70 г кефирни зрнца

350 мл млеко

2.Домашна газирана вода

околу 70 г кефирни зрнца

35 г шеќер

350 мл вода

3.Домашна газирана вода со овошен вкус

околу 70 г кефирни зрнца

35 г шеќер

1 помало јаболко или круша

малку (неколку капки) лимонов сок

350 мл вода

4.Домашен газиран овошен сок

околу 70 г кефирни зрнца

350 мл овошен сок

Постапка:

Зрната кефир (или тибетска габа) кога ќе се потопат во млеко на собна температура, започнуваат да се хранат со шеќерите од млекото, да растат и да се размножуваат. Во фрижидер мируваат.

Ако кефирните зрна се потопат во вода исто така мируваат, но водата е потребно да се менува за да остане кефирот жив.

Ако во водата додадеме било каков шеќер, зрното ќе започне да се храни, но нема да се размножува.

Истото ќе се случи ако кефирните зрна ги ставиме во овошен сок, па дури и во оние од тетрапак, бидејќи содржи шеќер.

Хранењето на кефирните зрнца е всушност процес на разградба на шеќерот, било да е тоа млечен, овошен или обичен додаден во водата или сокот.

Со разградување на шеќерот се создава јаглероден диоксид (меурчиња) и мала количина киселини и алкохол.

Сето тоа се случува во стаклена тегла во период од 24-48 часа, па таквите ферментирани напитоци одлично делуваат врз нашиот организам.

1.МЛЕЧЕН КЕФИР

Во чиста стаклена тегла ставете кефирни зрнца, налејте млеко на собна температура.

Затворете ја теглата и оставете на собна темпеартура 24-36 часа, во зависност од температурата на средината.

Теглата никако не ја оставајте во близина на грејно тело, температурата на просторијата не треба да преминува 30 степени.

Можете повремено да промешате за да има рамномерна ферментација, но не морате. Ако се создаде сурутка, при цедењето повторно ќе се измеша и изедначи.

Ферментираното млеко процедете го низ пластична цедалка со помош на пластична лажица, внимавајќи да не ги оштетите зрната.

Процедениот кефир можете да го пиете веднаш (свежо процеден има остатоци од шеќер и помалку од 1% алкохол. Остатокот можете да го чувате во стаклен сад во фрижидер.

Кефир стар 2 дена речиси и да не содржи шеќер во себе и може да има 2-2,5% алкохол (напитокот иако е одвоен од зрната, тој продолжува да ферментира). Кефирните зрна веднаш употребете ги за нова доза.

2.ГАЗИРАНА ВОДА

За да ја претворите обичната вода во газирана, доволно е да додадете во неа кефирни зрна и било каков шеќер.

Сето ставете го во стаклена тегла и оставете 24-48 часа на собна температура. Кефирните зрна ќе започнат да го разградуваат шеќерот во јаглероден диоксид.

Кога целиот шеќер ќе биде разграден, водата станува лесно пенлива. Процедете низ цедалка, прелијте во стаклено шише, затворете и разладете малку во фрижидер пред консумација. Додадете малку лимонов сок во чашата!

3.ГАЗИРАНА ВОДА СО ВКУС

Во теглата ставете кефирни зрна, крупно исечено јаболко или круша, наросете шеќер и залијте со вода. По желба можете да додадете и суво грозје.

Поклопете и оставете 48 часа на собна температура. Процедете, складирајте во стаклено шише, затворете и изладете.

4.ГАЗИРАН ОВОШЕН СОК

За разлика од купечките газирани сокови, во овој сок нема додадени шеќери, туку целиот шеќер од почетокот на постапката – е разграден.

Било кој сладок овошен сок, природно исцеден или купечки, од еден вид овошје или мешан, погоден е за приготвување на овој напиток.

Во теглата ставете ги кефирните зрнца и прелијте ги со овошен сок. Ако на амбалажата пишува дека е без шеќер, додадете малку обичен шеќер или мед за да ја активирате ферментацијата.

Поклопете и оставете на собна температура 48 часа. Ако е ладно може и малку подолго.

Процедете, прелијте во чисто шише, добро затворете и разладете во фрижидер. Во зависност од видот, сокот ќе биде од лесно до средно газиран.

ОДРЖУВАЊЕ НА КЕФИРНИТЕ ЗРНЦА

Кефирните зрнца за млечен кефирен напиток можете малку да ги измиете после секое процедување или поретко ако сакате поизразен вкус.

Барем еднаш месечно оставете од одмори 24 часа во чиста вода.

Со оглед на тоа што во период од 10-14 дена количината на зрна се зголемува, можете да ја зголемите и количината на млеко, а ако тоа не ви е потребно, вишокот одвојте ги, исперете ги и складирајте ги во тегла со чиста вода.

Чувајте во фрижидер и водата менувајте ја секој ден или замрзнете ги додека да ви затребаат. Или, вишокот подарете го некому.

За разлика од кефирните зрна за млечен напиток, зрната кои ги употребувате за овошни напитоци мора после секое процедување да ги миете и да ги оставите 24 часа да одморат пред следната употреба.

Повремено нахранете ги во фрижидерот со млеко, па потоа повторно оставете ги 48 часа во водата која барем 2-3 пати сте ја промениле, пред да ги вратите во сокот.

Овие зрна не се размножуваат бидејќи тоа се случува само во млеко поради белковините. Затоа е потребно барем еднаш или двапати месечно да се обноват.