Преубав старински колач, оди сè по 10, а толку лесно се подготвува. Рецепт на Домашен Готвач. Раванија, топеница, нутма.. има разни имиња низ нашите краеви, а на сите ни е познат преубавиот вкус кој ќе ве врати во детството.




Иако нема конкретен оригинален рецепт по кој ја подготвуваат домаќинките, овој сочен колач прелиен со шербет има многу рецепти, а секоја куќа си го подготвува овој колач како што било пренесувано низ традицијата.

Ние ќе ви претставиме два рецепти, првиот рецепт сите состојки одат сè по 10, а вториот рецепт е исто така многу лесен и се подготвува без масло. Во првиот рецепт има помалку шеќер, за оние кои се помалку љубители на благото.




I РЕЦЕПТ. Потребни состојки: 10 јајца, 10 лажици шеќер, 10 лажици масло, 10 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво. За шербет: 600 мл вода, 400 г шеќер, сок од 2 лимони.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад се ставаат 10 јајца и малку се разматуваат. Најдобро е да користите домашни јајца со убава жолта боја која ќе ја поприми колачот. Потоа додајте 10 лажици шеќер, промешајте со рачна маталка.




Додајте 10 лажици масло и 10 лажици брашно, па на крај додајте го прашокот за печиво. Сета смеса се соединува со миксер, па се прелива во кружен калап. Се пече во претходно загреана рерна на 170 степени, околу 30-35 минути.




Подготовка на шербетот: Во мало тенџерче додајте 600 мл вода и 400 г шеќер, промешајте и ставете на рингла додека да се формира шербетот. Кога ќе биде пред вриење, тргнете од рингла и додајте сок од 3 лимони, па промешајте.




Печениот колач се сече на коцки, а потоа врз него се прелива врелиот шербет. Се остава некое време да поприми од шербетот, а колку повеќе време му одолеете на колачот, толку ќе биде повкусен. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.




II РЕЦЕПТ. Потребни состојки: 10 јајца, 10 лажици шеќер, 10 лажици брашно. ЗА ШЕРБЕТ: 1,3 литри вода, 800 г шеќер, 1 ванилин шеќер. Постапка: Пенасто изматете ги јајцата со шеќерот.




Матете толку долго додека јајцата да се згуснат и почне да остава трага од маталките додека се мати со миксерот. Полека, со лажица, а не со миксер се додава лажица по лажица брашно и се соединува.




Смесата треба да биде воздушеста. Излејте ја во калап 22х32 малку подлабок. Рерната добро загрејте на 250 степени додека ги матите јајцата, па кога смесата е готова, ставете да се пече и намалете на 200 степени неколку минути колку да зарумени и да фати коричка одозгора, па намалете на 150 степени и така печете околу еден час.




Повремено проверувајте да не загори, ако е пресилно намалете уште малку. Проверете дали е печено со нежно притискање со рака, ако се враќа – добро е.

Подготовка на шербетот: Ставете вода, шеќер и ванилин шеќер колку да зоврие и тргнете од оган. Оставете убаво да излади. Се полева ладно со ладно, односно изладен колач со изладен шербет.