РЕЦЕПТ ЗА ОРИГИНАЛНА АЛВА…Мирис на детството….Ако ги сакате старите добри, едноставни рецепти, тогаш овој запишете си го и задолжително пригответе го. Алвата приготвена на овој начин е највкусна!

За посна варијанта користете маргарин, а сирупот пригответе го само од вода и шеќер. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл):

2 чаши брашно
1/2 чаша масло (100 мл)
3 супени лажици путер

За сируп:
2 чаши шеќер (може да ја намалите количината)
1 чаша млеко (200 мл)
1 1/2 чаша вода (300 мл)

ПОСТАПКА:

Прво пригответе го сирупот (шербет): Во тенџере сипете ги сите состојки и ставете на рингла да се загрева на умерена температура. Откога ќе зоврие варете неколку минути и мешајте непрекинато за да се раствори шеќерот целосно.

Во тава сипете го маслото и путерот, па загревајте на умерена температура. Штом смесата се загрее и путерот се растопи, сипете го брашното.

Мешајте со лажицата непрекинато додека го пржите брашното на ниско умерена температура.

Смесата во текот на пржењето ќе ја менува конзистенцијата: прво ќе биде густа, па ќе се отпушти и ќе стане полутечна, но вие мора постојано да мешате и да не се оддалечувате од шпоретот.

По некое време ќе ја смени бојата во светлокафеава.

Вкупното време за пржење на брашното е 15 минути. Штом добие убава конзистенција и светла карамел боја, време е да се додаде сирупот.

Додајте половина од сирупот на почетокот за полесно да се вмеша во смесата. Брзо мешајте за да се изедначи. Смесата малку ќе згусне.

Потоа додајте го остатокот од сирупот и повторно мешајте енергично додека сето да се раствори и изедначи. По желба во алвата можете да додадете лешници, ореви или други јатки.

Смесата за кратко ќе добие конзистенција на пудинг, но вие продолжете и понатаму да мешате, зашто треба уште повеќе да згусне.

За многу кратко време смесата згуснува и готова е.

Црпете со лажица (за сладолед) за да обликувате топчиња, одозгора посипувајте ги со мелени ореви/фстаци…Оладете и послужете. Постапката погледнете ја ОВДЕ.