Ќе уживате во овој превкусен, домашен, фруктален сок!

Потребни состојки: 1 кг исчистени моркови, 2 кг исчистени јаболка, 1 кг исчистени праски, 800 г шеќер (може интегрален или стевија), 40 г лимонска киселина, вода и 12-13 стаклени шишиња

Постапка: Пред да започнете со подготвувањето, ставете ги шишињата во рерна на 100 степени за да се стерилизираат. Капачињата извријте ги. Морковот варете го во 3 литри вода.

За тоа време, исчистете ги јаболката од лушпа и семки. Исечете ги на четвртинки па додадете ги во малку омекнатиот морков. Варете уште 10-тина минути, додека да омекнат јаболката.

Додадете ги исчистените праски па варете уште 1-2 минути. Извадете го овошјето и измиксајте го во блендер. Во водата во која се вареше овошјето додадете уште вода, така да добиете вкупно 8 литри.

Додадете го шеќерот и измиксаното овошје, па варете уште 15-тина минути. При варењето вадете ја пената што при тоа ќе се создава. При крајот додадете ја лимонската киселина.

Топлиот сок складирајте го во шишињата и затворете ги капачињата кои отстојале во алкохол. Ставете ги во рерна на 100 степени околу половина час. Извадете ги и завиткајте ги во хартија за поспоро да се ладат.

Ова ладење понекогаш трае и по 2-3 дена, но затоа сокот ќе има рок од една година ако го чувате на темно и ладно место. Ако го пиете веднаш сокот, тогаш нема потреба да го враќате повторно во рерна.