Реформ обландите се издвојуваат од сите останати ситни колачи поради нивниот богат и исклучителен вкус. Спојот на ореви и чоколадо со уште неколку состојки ги прави овие ситни колачи толку добри, што секогаш сите се јадат. Послужете ги на празничната или славската трпеза и уживајте во нивниот неодолив вкус. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 8 белки, 200 г шеќер и 200 г мелени ореви. ЗА ФИЛОТ: 8 жолчки, 150 г шеќер, 100 г црно чоколадо, 5 лажици црно, силно кафе (инстант), 200 г путер и ќе ви бидат потребни уште два листа обланди.

ПОСТАПКА: Рерната се вклучува уште на почетокот да се загрее на 200 степени, бидејќи сѐ се прави многу брзо. Издвојте ги белките и жолчките од 8 јајца, кои треба да бидат на собна температура.




Белките пенасто изматете ги со миксер додека да добиете цврст снег. Кога белките малку ќе запенат, започнете постепено да го додавате шеќерот додека непрекинато матите со миксерот. Миксајте доволно долго додека шеќерот да се растопи и да добиете сјаен снег. Откога ќе ги соедините состојките додајте 200 г мелени ореви и соединете ги во снегот со шпатула или лажица.




Половина од оваа смеса рамномерно распоредете врз еден лист обланда свртен со крупните квадратчиња нагоре. Израмнете и ставете да се пече во загреаната рерна на 200 степени. Постапката повторете ја и со втората кора. Корите се печат околу 10-12 минути, со повремено проверување.




Откога ќе се испечат, се оставаат да се оладат, а за тоа време се подготвува филот. Во посебен сад жолчките изматете ги со постепено додавање на 150 г шеќер. Матете ги жолчките додека да се растопи шеќерот, а тие да се згуснат, побелат и да го зголемат својот волумен. Садот со изматените жолчки ставете го врз поголем сад со вода која врие и сварете го кремот на пареа.




Варете околу 10 минути, а потоа додајте 100 г црно чоколадо искршено на коцки и 5 лажици силно сварено и изладено црно кафе (опционално, но многу е повкусно). Наместо црно кафе можете да ставите нес кафе. Откако кремот ќе се свари, а сите состојки ќе се растопат и соединат во изедначена смеса, тргнете го садот настрана.




Оставете го целосно да се олади со повремено промешување за да не фати коричка. Путерот кој претходно омекнал на собна температура пенасто изматете го со миксерот. Во него додајте половина од целосно изладениот крем и соединете го.




Потоа додајте ја и втората половина од кремот и изматете убаво додека да добиете убав мазен крем. Обландите пресечете ги на половина, така што ќе добиете четири кори. На секој дел ставете четвртина од филот и рамномерно распоредете преку целата површина и израмнете.




Преку првата намачкана кора ставете ја втората, повторно нанесете фил и постапката продолжете ја докрај. Врз четвртата кора ставете хартија за печење, а врз неа дебела даска за сечење или некој друг тежок предмет за да можат корите да се израмнат (во текот на печењето може малку да се извиткаат).




Оставете ја обландата во фрижидер неколку часа или најдобро е преку ноќ, па потоа извадете ја, отстранете ја хартијата и премачкајте ја со четвртината фил кој ви остана за крај. Одозгора наросете мелени ореви. Деталите погледнете ги ОВДЕ.