Рецепт и видео презентација на “Домашни рецепти” – реформ обланди. Ова се ситни колачи кои ги правам со години наназад за сите видови прослави и празници. Оревите и чоколадото во комбинација со кафе даваат еден совршен вкус. Кафето не е неоходно, но јас ја ставам, бидејќи ми се допаѓа токму таа “нота” која ја дава во целокупната комбинација.

Оваа мера е доволна количина за два листа обланди кои се сечат на половина и сосем е доволна кога правите повеќе видови ситни празнични колачи. А доколку ги правите само нив, тогаш двојно зголемете ги состојките од овие што се наведени. Потребни состојки за кора: 8 белки, 200 г шеќер и 200 г мелени ореви.

Потребни состојки за фил: 8 жолчки, 150 г шеќер, 100 г црно чоколадо, 5 лажици црно, силно кафе, 200 г путер и ќе ви бидат потребни уште два листа обланди. Постапка: Веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Од осум јајца разделете ги белките и жолчките во посебни садови.

Белките пенасто изматете ги со електричен миксер додека да добиете снег. Шеќерот (200 г) постепено додавајте го во белките додека ги матите. Миксајте доволно долго додека шеќерот да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Во него додадете 200 г мелени ореви и промешајте со лажица или шпатула за да се изедначи смесата.

Половина од оваа смеса рамномерно распоредете врз еден лист обланда свртен со крупните квадратчиња нагоре. Израмнете и ставете да се пече во загреаната рерна на 200 степени. Постапката повторете ја и со втората кора. Корите се печат 10-12 минути.

Оставете ги да се оладат, а за тоа време пригответе го филот. Во посебен сад жолчките изматете ги со постепено додавање на 150 г шеќер. Матете ги жолчките додека да се растопи шеќерот а тие да се згуснат и побелат. Садот со изматените жолчки ставете го врз поголем сад со вода која врие и сварете го кремот на пареа.

После 10-тина минути додадете 100 г црно чоколадо искршено на коцки и 5 лажици силно сварено и изладено црно кафе. Наместо црно кафе можете да ставите нес кафе или не мора воопшто да ставате. Откако кремот ќе се свари, а сите состојки ќе се растопат и соединат во изедначена смеса, тргнете го садот од пареата.

Оставете го целосно да се олади со повремено промешување за да не фати коричка и рамномерно да биде ладењето. Путерот кој претходно омекнал на собна температура пенасто изматете го со миксерот. Во него додадете половина од целосно изладениот крем и соединете го.

Потоа додадете ја и втората половина од кремот и изматете убаво додека да добиете убав мазен крем. Обландите пресечете ги на половина, така да добиете четири кори. На секој дел ставете четвртина од филот и рамномерно распоредете преку целата површина и израмнете.

Преку првата намачкана кора ставете втора кора, повторно нанесете фил и постапката продолжете ја до крај. Врз четвртата кора ставете хартија за печење, а врз неа дебела даска за сечење или некое друго оптеретување за да можат корите да се израмнат (во текот на печењето може малку да се извиткаат).

Оставете ја обландата во фрижидер неколку часа или најдобро е преку ноќ, па потоа извадете ја, отстранете ја хартијата и премачкајте ја со четвртината фил кој ви остана за крај. Одозгора наросете мелени ореви. Сите детали околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.