Оваа пита е толку многу вкусна и раскошна со изглед, што може да ја правите за секој ден за ручек, но и да пречекате гости за некои важни празници или прослави во семејството. Љубителите на питите ќе бидат воодушевени од овој рецепт на Валентина.

Се приготвува многу едноставно со фил од спанаќ и јајца, па еве еден интересен начин како да се воведе на мени овој исклучително вкусен зеленчук, доколку класичната подготовка не им е омилена на вашите деца. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за тесто: 600 г брашно, 1 јајце (на собна температура), 1 мала лажичка шеќер, 1.5 лажичка сол, 50 мл масло, 30 г свеж квасец (1 коцка), вода по потреба (250-300 мл). ЗА ФИЛ: 600-800 г исчистен спанаќ, 500 г сирење, 6-7 тврдо варени јајца, 100 мл масло




ПОСТАПКА: Во подлабок сад просејте 600 г брашно. Во средината направете вдлабнување како бунарче, па тука скршете едно јајце, додајте масло, шеќер и изронете го квасецот. Додајте малку млака вода и промешајте за да се растворат сите состојки. Оставете 5-10 минути за да може квасецот да се активира.




Потоа, настрана во брашното наросете ја солта и со постепено додавање на млаката вода замесете средно меко тесто. Кога ќе стане компактно и ќе почне да се одвојува од ѕидовите на садот, истресете го на набрашнета работна површина и домесете го уште малку.




Од тестото обликувајте топка, ставете го врз чинија наросена со брашно и покријте го со кеса. Вака оставете го да одмори 10-15-тина минути додека во меѓувреме го приготвувате филот. Измиениот и исчистениот спанаќ посолете го и истискајте го малку со рака за да омекне, а потоа исцедете го вишокот вода (што ќе го испушти).




Исцедениот спанаќ (речиси сув) ставете го во посебен сад, па додајте половина килограм ситно сирење и 100 мл масло. Промешајте додека да се изедначат состојките и филот тргнете го настрана. Одмореното тесто ставете го врз парче хартија за печење и со помош на оклагија развлечете го во правоаголна кора (55х28 см).




Надолжно обележете ја кората одокативно на три ленти со тапата страна на ножот, а потоа од левата и десната страна исечете ја на тенки лентички 1-1.5 см широки. Во средишниот дел (несечениот) рамномерно распоредете половина од филот со спанаќ. Врз спанаќот наредете ги варените (излупени) јајца.




Врз јајцата распоредете го остатокот со филот со спанаќ и сирење. Откако убаво ќе го стегнете филот со раце, започнете да го поклопувате со лентичките од левата и десна страна, наизменично. По желба, можете да ги сплетувате на горната страна, но доволно е и само да ги преклопувате.




На овој начин ќе добиете еден голем ролат. Обидете се најпрво полека да ги свиткате краевите за да добиете еден вид кифла, а потоа полека доближете ги краевите за да добиете прстен. Сосе хартијата префрлете го во калап за куглоф или пак во големиот плех од рерна. Одозгора премачкјате со изматено јајце и наросете сусам и ленено семе.

Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени (15-20 минути), а затоа време тестото малку ќе стаса. Потоа ставете ја питата да се пече и намалете ја температурата на 180-170 степени, зашто преполна е со фил и потребно е повеќе време за убаво да се испече. Печете ја 40-тина минути или додека убаво да зарумени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.