I РЕЦЕПТ – Овој путер крем може да се комбинира со малини, чоколадо и мелени бисквити – едноставно е непогрешив. А кога тортата не се пече се приготвува за 20 минути – тоа е добитна комбинација!

Потребни состојки: 125 г путер, 200 г шеќер во прав и 3 лажици млеко

Постапка: Наместо путер можете да користите и маргарин, но путерот е многу поздрава и повкусна варијанта. Извадете го од фрижидерот и оставете го да омекне на собна температура.

Потоа изматете го пенасто си миксер, па додадете го шеќерот во прав и уште еднаш убаво измиксајте. Пред крајот додадете го млекото и уште еднаш изматете за убаво да се соедини.

Овој путер-крем најчесто се користи за финиширање на тортата, но во него може да се додаваат разни додатоци и да се користи како фил. Пред да ја обложите тортата со фондан, премачкајте ја со овој путер крем или украсете го десертот само со него, ќе изгледа прекрасно. Повеќе ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Слаткарски жолт крем – класичен префин крем кој може да се користи за разни слатки, готов за 10 мин. Рецепт и видео прилог на Марко од Како Да Готвиме (How 2 Bake It) – Слаткарски крем. Ова е најдобриот крем за принцес крофни, со полн вкус кој не може да се замени со обичниот од пудинг со ванила.

Потребни состојки: 650 мл млеко, 2 ванилин шеќер, 120 г шеќер, 40-50 г густин (50 ако ви е потребен погуст крем како за на пр. принцес крофни), 2 цели јајца, 2 жолчки

Постапка: Во еден подлабок сад ставете ги јајцата, жолчките, шеќерот и ванилата, па изматете со маталка додека смесата малку да осветли. Потоа додадете густин и добро промешајте да нема грутчиња.

Постепено додавајте го млекото и мешајте цело време додека убаво да се изедначи. Садот ставете го на умерен оган и загревајте со константно мешање. По потреба намалете ја температурата. Најдобро е кремот да се вари на тивок оган малку подолго време, но така ќе одбегнете опасност да ви загори. Мешајте цело време додека да згусне.

Покријте го кремот со проѕирна фолија за да не фати коричка и оставете да излади. По желба кремот можете да го соедините со пенасто изматен путер. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.