Кога приказната ви делува нереално, исполнета со бизарни заплети и дупки, како можете да потврдите дали некој ве лаже? Одговорот е во психологијата.

„Би-би-си“ спроведе експеримент наменет за интервјуирање политичари: некои лажеле, а некои ја кажувале вистината. Телевизиската публика врз основа на нивните изјави требало да процени кој лаже. Но, никој од политичарите не се согласил да соработува на еден ваков проект.

За да не пропадне експериментот, еден новинар сакајќи да помогне се пријавил како доброволец и самиот тој глумел „добар и лош полицаец“. Имено, два пати бил интервјуиран и секојпат бил запрашан да каже кој е неговиот омилен филм. Еднаш излажал, а еднаш ја кажал вистината.

– Завршивме со околу 30.000 повици и она што го увидовме е дека јавноста го правеше истото на телевизија, како и во лабораториските експерименти – не можеа да препознаат кога тој лаже – вели професорот по психологија Ричард Вајсман, цитиран од „Sciencefocus“.

Но, кога транскриптот бил ставен на радио, способноста на публиката да ја препознае лагата драстично се зголемила.

– Визуелните знаци се многу контролирани. Како гестикулираме, се насмевнуваме и изгледаме е под наша контрола. Кога ќе се фатите за зборовите што ги кажуваме и начинот на кој ги кажуваме, тоа не е нешто за што многу размислуваме. И тука доаѓа откритието.

Затоа, кога го отстранивме визуелниот дел, луѓето можеа да препознаат кој лаже, а кој ја зборува вистината – наведува Ричард.

Психологот наведува дека е мит дека кога луѓето лажат погледнуваат настрана. Всушности, тие можат да ве гледаат во очи и да ве лажат, правејќи соодветни гестикулации со кои тешко можете да ги откриете.

– Тоа е најголемиот мит во светот на психологијата, тестиран безброј пати. Вознемирените луѓе гледаат настрана, срамежливите гледаат настрана, оние кои забораваат нешто и потоа се обидуваат да се сетат, го прават тоа. Ваквото етикетирање е погрешно.

Движењата на телото, вели тој, имаат малку индикации за лажење. Клучот секогаш лежи во начинот на кој е раскажана приказната и гласот.

– Барајте двоумење, поголемо растојание помеѓу крајот на прашањето и почетокот на одговорот, недостаток на детали. Лажењето е когнитивно тешко.

Во лажењето, треба да размислите што личноста знае, што ќе се вклопи во приказната, што веќе сте кажале. Таквите нешта го оптоваруваат нечиј ум, а гласот и текот на приказната секогаш го даваат – објаснува Вајсман.