Ова е наједноставниот рецепт за „пржени“ лепчиња, за сите омилениот појадок. Може да се приготви на два начини, во зависност од тоа во каква форма сакате да ги јадете.

Според првиот рецепт, лепчињата се ставаат во калапот и се прелеваат со мешавината од јајца, па се печат.

А, во вториот рецепт може да се користи и „бајат“ леб кој се ситни на помали парчиња и се става во тепсија, па му се додава нешто сувомесното по желба, се прелива и се пече во рерна.

Брзо но многу вкусно. И двата рецепти можете да ги примените кога приготвувате појадок за целото семејство, но и како закуска за гости. Еве што ви е потребно:

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 200 мл млеко, 30 г ситно сечкан свеж магдонос, 250 г рендан кажкавал (чедар или по ваш избор) и една цела векна леб или најдобро тост леб кој е исечен на тенки парчиња.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги јајцата, посолете и запиперете по вкус, додајте го млекото и изматете со жица-маталка додека да се изедначат состојките. Подгответе калап со димензии 15х22 см или каков имате наменет за леб или ролат кој е тесен, долг а длабок.

Доколку е нелеплив калапот не треба да го намастувате, а доколку има потреба, тогаш намастете го или обложете го со хартија за печење. Малку истурете во калапот колку да се прекрие дното, па ставете го целиот леб внатре. Преку лепчињата рамномерно полијте ја целата смеса.

Со силиконска четка премачкајте го секое парче за да може убаво да ја впие смесата. Потоа наросете ситно сечкан магдонос (помагајќи со лажица за да навлезе помеѓу секое парче), а потоа на истиот начин наросете и рендан кашкавал.

Ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени околу 15 минути. Вториот рецепт можеби уште повеќе ќе ви се допадне:

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тепсија со пречник 25 см): 350 г леб, 4 јајца, малку мелен црн пипер (5 г), една лажичка сол (8 г или по вкус), малку оригано (5 г), малку црвена зачинска пиперка (5 г), 300 г сувомеснато по избор (во рецептот – виршли), 100 мл млеко, 200 г рендан кашкавал (моцарела)

ПОСТАПКА: Лебот исечете го и иситнете го на парчиња со залак големина, па ставете го во тепсија со дијаметар од 25 см (претходно намастена или обложена со хартија за печење). Скршете 4 јајца и додајте ги сите зачини.

Промешајте со лажица за да можат состојките рамномерно да се распоредат, а потоа одозгора залијте со млекото.

Промешајте за да се впие млекото, а потоа распоредете го и кашкавалот, промешајте и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 25 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.