За сите обожувачи на слаткиот вкус, ова е рецепт за колач на кој никој не може да му одолее. За овој колач не ви треба брашно, ниту јајца, доволно е да имате малку млеко, путер/маргарин, чоколадо и бисквити. Од евтини состојки направете колач за целото семејство, кој со сигурност веднаш ќе се изеде.




Јас го направив викендов и додека да се свртам, гледам дека домашните веќе го изеле, а јас не направив ниедна фотографија. Од што толку им се допадна на сите, го направив уште еднаш и успеав да направам неколку слики. Многу е вкусен и лесен за подготовка. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 500 мл млеко, 100 г путер/маргарин, 200 г чоколадо за готвење, 250 г мелени плазма бисквити, нутела или некој друг крем и ситно сечкани ореви за декорација.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 300 г мелени бисквити, 100 г мелени ореви или лешници, 1 лажица шеќер во прав, 1 ванилин шеќер, 60-70 г растопен маргарин/путер (може уште малку ако кексите се суви), 2-3 лажици чоколадно млеко. ЗА ФИЛ: 400 мл слатка павлака, 350 г чоколадо, 100 г чоко снегулки.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во едно тенџере ставете половина литар млеко и додајте го путерот или маргаринот заедно со чоколадото искршено на коцки. Ставете го тенџерето на рингла на ниска температура и со повремено мешање гответе додека да се растопат маргаринот и чоколадото.




Врелата течност тргнете ја од рингла и во неа додајте ги мелените бисквити/плазма, доволно ќе ви биде околу 250 г. Мешајте до соединување во една компактна смеса како бисквит која нема да се распаѓа. Вака подготвената смеса префрлете ја во еден калап (15х20 см), кој претходно сте го обложиле најлонска фолија.




Добро измазнете и распоредете ја смесата низ целиот сад. Покријте со фолијата одозгора и ставете го колачот во фрижидер да се стегне околу 30 минути. По изминатото време, превртете го колачот со помош на фолијата во една чинија и премачкајте го со чоколаден крем, нутела или глазура од бело/црно чоколадо.




Потоа, вратете го колачот во фрижидер уште малку да се стегне кремот или глазурата, па дури потоа послужете го со сечење на правоаголници и врз секое колаче наросете ситно сечкани ореви. Ако немате многу време, тогаш оставете го неколку минути во замрзнувач.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: За подлогата може да употребите било каков кекс. Во подлабок сад ставете ги мелените бисквити, мелените ореви, ванилиниот шеќер и шеќерот во прав. Промешајте убаво додека да се изедначат состојките, па прелијте со растопен путер и доколку сакате, може да додадете 2-3 лажици чоколадно млеко.

ВТОР РЕЦЕПТ




Убаво промешајте за да добиете ровка, леплива смеса. Нанесете ја во калап бр.24 претходно малку намастен со путер. Страните на калапот можете да ги обложите со проѕирна фолија. Рамномерно нанесете ја смесата и нежно притиснете со лажицата, па тргнете настрана додека го приготвувате филот.




За фил: 400 мл слатка павлака ставете на оган колку да се замлачи, но не смее да зоврие. Потоа додајте го чоколадото искршено на коцки и промешајте за да се растопи и изедначи. Кога ќе се добие мазна еднолична смеса. Додајте ги снегулките, промешајте и прелијте преку подлогата од кекси. Вака приготвениот колач оставете го во фрижидер најмалку два часа или во замрзнувач еден час. Деталите погледнете ги ОВДЕ.