Рецепт и видео презентација на “Кујна за 10” – Ќофте во сос, оригинален рецепт. Пригответе го овој познат и насекаде признат специјалитет, на многу едноставен начин. “Ќофте во доматен сос” е дефинитивно оброк на кој ниекој досега не останал рамнодушен.

Во комбинација со доматен сос се добива еден превкусен сос (сафт), а самото месо станува толку меко и сочно што не можете да му одолеете. Доколку сакате да им приготвите на најмилите еден вкусен оброк, ова е дефинитивно една од подобрите препораки.

За да го приготвите ова вкусно јадење, ќе ви бидат потребни следните состојки: 3-4 парчиња стар леб, 50 мл млеко, 1 јајце, 500 г јунешко мелено месо. Од зачини користете сол, црвена зачинска пиперка, црн пипер, сода бикарбона, сув зеленчуков зачин, магдонос и шеќер.

Уште ќе ви бидат потребни следните состојки: 2 главици кромид, 50 г презла, 3 лажици масло, брашно и 300 мл доматен сос.

Постапка: Во еден длабок сад издробете го лебот и прелијте го со 50 мл млеко. Добро изгмечете го со виљушка. Додадете едно јајце, па промешајте да се соедини. Во истата смеса додадете и половина килограм јунешко мелено месо, па измесете со рака или виљушка за да се изедначи.

Кромидот излупете го па исечкајте го поситно колку што можете или сомелете го. додадете го во смесата и зачинете со една лажичка црвен пипер во прав, една лажичка сол. четвртина лажичка сода бикарбона, црн мелен пипер по вкус, 1 лажичка сув магдонос.

Во смесата додадете и 50 г презла и малку масло, околу три супени лажици. Добро промешајте ја смесата за да се изедначи и зачините рамноменро да се распоредат. Вака приготвената смеса со мелено месо покријте ја со фолија и оставете ја во фрижидер да одмори половина час.

По изминатото време црпете од смесата и со помош на дланките формирајте топчиња со големина по ваш избор. Формираните ќофтиња веднаш валкајте ги во брашно и редете ги во посебен сад, а потоа запржете ги во тава со малку масло загреано на умерена температура.

Ќофтенцата пржете ги од сите страни додека убаво да заруменат, приближно во времетраење од 7 до 10 минути. Потоа извадете ги ќофтињата или само потргнете ги на страна, па во истото масло во кое се пржеа додадете две лажици брашно.

Промешајте за да се запржи и брашното неколку минути. Вратете ги ќофтенцата за да се натопат добро во запрженото брашно и долејте 600 мл врела вода. По неколку минути додадете и 300 мл доматен сос, па промешајте со дрвена лажица, убаво да се раствори.

Зачинете го јадењето со една лажичка сув зеленчуков зачин (вегета) или по вкус. Поклопете и гответе уште половина час умерена (средна) температура. Пред крај додадете и една лажичка шеќер. После половина час кога сосот ќе згусне, можете да го послужите јадењето.

Најубаво одговара со прилог од компир пире, варен ориз или зеченчукова комбинација по ваш избор. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.