Летно време најубаво се освежуваме со сируп или сок од нане кој редовно го подготвувам и уште ни се нема здосадено. Не е многу благ, секако количината на шеќер може да ја прилагодите по ваш вкус.

Секако, шеќерот го одржува и квалитетот и долготрајноста на овој сируп, па најдобро би било да не ја менувате неговата количина бидејќи сепак сирупот се разредува со вода и не се чувстува многу блажината.

Нането не го измерив, но имам доста ставено, многу ливчиња. Потоа ставив 2 цели лимони, 1400 г шеќер и 4 литри вода. Повторно ќе напоменам дека количината на шеќер не е пожелно да ја менувате, бидејќи сепак се подготвува сируп.

Нането го сечкам, не на многу ситно, заедно сосе гранчињата. Потоа нането се префрла во подлабок сад, се додаваат лимоните (претходно истретирани со сода бикарбона), и исечкани на кругови.

Додајте 1 кг шеќер и 1 литро вода. Промешајте и оставете сирупот да отстои 24 часа на собна температура за сите состојки да си пуштат од својот вкус во водата. Следниот ден целата смеса се префрла во едно поголемо тенџере (од 5 литри), па во него се додава уште 400 г шеќер и 2 литри вода.

Промешајте и вклучете ја ринглата да се зоврие водата. После 25-30 минути, ќе забележите дека бојата на гранчињата и листовите од нането ќе почне да се губи, па тогаш заедно сосе лимоните, може да ги извадите, бидејќи јас викам ,,ја завршиле” својата фунција.

Останатиот дел од сирупот се продолжува со готвење додека да се згусне за што ќе биде потребно уште половина час, но сепак проверувајте го, може и порано. Јас во сирупот додавам уште 2 кесички ванилин шеќер и малку зелена прехранбена боја за да го има оној класичен изглед на сируп од нане. Jaс најмногу ставам поради дечињата.

Секако, прехранбената боја не мора да ја додавате, може да го правите сосем природен. Мене ринглата ми е вклучена помеѓу 4 и 5, а сирупот го готвев 1 час и 45 минути. Кога сирупот ќе се згусне, настрана добро измијте 1 лимон со сода бикарбона кој ќе биде потребен за подготвување во теглите.

Теглите во кои ќе го складирате сирупот, мора да бидат чисти, најдобро е да ги пастеризирате во рерна, заедно со капаците, а потоа оставете добро да се оладат. Кога сирупот ќе биде згуснат, се процедува, па се складира во теглите.

Сирупот е потребно да се олади пред да почнете со консумирање. Се пие на растворање, по ваша желба ја одредувате концентрираноста. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.