Рецеп и видео презентација на “Да Готвиме Лесно” – Прелиен гриз кокос колач. Сочен и вкусен колач, едноставен за приготвување, се топи во уста. Состојките се мерат со една иста шолја од 200 мл. Некои од коментарите кои го направија овој колач се следните:

“Секоја чест!”; “Колачот е супер, само следниот пат ќе морам да ја удвојам дозата, зошто на моите не им беше доволно голем”; “Најдобриот и најомилениот колач”; “Многу ми се допаѓа и често го правам, омилената комбинација од гриз и кокос..”; “Секоја чест, тукушто го направив, превкусен е…”

Потребни состојки: 4 јајца, 1 шолја шеќер, 1 шолја јогурт, 1 шолја гриз, 1 шолја кокос, 1/2 шолја масло, 1 шолја брашно, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер и малку рендана кора од портокал. За прелив: 2 шолји шеќер, 2 шолји вода, малку лимон.

Постапка: Најпрво се вари шербетот за да има време да излади додека го приготвите колачот. Во едно тенџере ставете 2 шолји (од 200 мл) шеќер и 2 шолји вода, па промешајте. Тенџерето ставете го на оган, па од моментот кога ќе зоврие, варете го сирупот уште 4-5 минути.

По изминатото време исклучете ја ринглата и додадете 2-3 лажици свежо исцеден лимонов сок (доволно за да го сочува сирупот од шеќердисување и да му даде освежителна нота. Само не претерувајте премногу со лимоновиот сок, за да не добиете премногу кисел шербет).

Сварениот сируп промешајте го и оставете го на страна да се лади. Во посебен сад скршете четири јајца кои претходно отстојале на собна температура и додадете една шолја (од 200 мл) шеќер. Изматете ги со помош на жица додека шеќерот да се растопи, 2-3 минути.

Во матените јајца додадете една шолја (200 мл) јогурт, и уште малку изматете за да се соедини со јајцата. Во смесата додадете една шолја гриз и една шолја кокос. Промешајте добро за да се изедначат состојките, а потоа додадете половина шолја масло за готвење.

Мешајте уште минута-две за да се впие маслото во мешавината, па додадете 1 шолја брашно и една кесичка прашок за печиво. Најдобро би било да ги просеете низ сито. Измешајте добро со маталката додека да добиете хомогена смеса без грутчиња.

На крај додадете 2-3 лажички рендана кора од портокал, или по вкус (претходно добро измијте го портокалот и истретирајте го со сода бикарбона, а рендајте го само површинскиот, портокалов слој кој ја дава убавата арома). Зачинете и со една кесичка ванилин шеќер.

Промешајте уште еднаш за рамномерно да се распоредат состојките. Откако убаво ќе ја соедините смесата, покријте ја со проѕирна фолија и оставете ја да одмори 15-20 минути за да можат сите ароми и вкусови да се слеат, а гризот и кокосот да ја впијат влажноста и да набубрат.

По изминатото време излејте ја смесата во огноотпорен сад или калап со димензии приближно 30х22 см. протресете за да се израмни смесата, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени. Кога ќе го ставите колачот во рерна намалете на 180 степени и печете 35-40 минути.

Печениот колач извадете го од рерна да се подилади неколку минути, па исечете го на коцки со големина по ваша желба. Додека е уште врел колачот прелијте го рамномерно со изладениот сируп и оставете го целосно да го впие.

Пред послужување најдобро е колачот добро да го изладите во фрижидер, а можете да го декорирате по желба со наросен кокос одозгора, рендано чоколадо или мелени ореви. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.