Оригинален рецепт за права кафанска телешка чорба. Кога еднаш ќе ја вкусите, ќе ве освои со вкусот и постојано ќе ја приготвувате. Под пишаниот рецепт имате и видео каде што можете да ја погледнете целата постапка.

Потребни состојки: малку масло, 1 главица кромид со средна величина, 500 г телешко месо, 350 г морков, 50 г целер, 20 г брашно + 50-60 мл вода за запршка, сол, црн пипер, сув зачин по вкус, 1 рака ситно сечкан магдонос или по вкус, 1 јајце (жолчка) и 1 лажичка кисела павлака

Постапка: Кромидот исечкајте го ситно на коцки и ставете го да се издинста во тенџере на малку масло, на умерена температура. На ситни коцки исечкајте го и месото, па додадете го да се запржи заедно со кромидот. Минимум 45 минути треба да се динста месото заедно со кромидот.

Се додава вода само колку да го покрие месото и цело време за овие 45 минути треба да се промешува и да се внимава да не испарила водата и по потреба да се додава. Цело време месото треба да биде покриено со вода. (Се готви на 3). Се посолува и зачинува со црн пипер по вкус.

После 40-45 минути се сечкаат три моркови (350 г) на ситни коцки и се додаваат во месото. Се долева вода за да се покрите содржината. Коренот од целер изрендајте го или исечкајте го многу ситно. Заедно со целерот гответе уште 20-30 минути. Додадете млака вода да дополнете приближно да биде околу 2 литри.

Се остава водата да зоврие, а потоа да се готви уште 10-тина минути. Пред крајот, во 50-60 мл вода растворете две лажици брашно (20-тина г) и излејте во чорбата за да добие на густина. Промешајте и намалете ја температурата.

Вкусете и по потреба додадете зачини. Чорбата треба да има средна густина, ако е премногу ретка, тогаш ќе биде како супа, а ако е прегуста, тогаш ќе биде како каша. Оставете уште неколку минути да проврие. На страна ситно исечкајте магдонос и додадете во чорбата кога ќе ја исклучете од огнот.

За легир: Во еден сад одвојте ја жолчката и изматете ја со виљушка. Додадете една лажичка кисела павлака, промешајте. Оваа количина е доволна за две-три чинии. Во чинијата се става малку од легирот, па одозгора се прелива со врелата чорба и се промешува. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото: