Одлична идеја за семеен ручек, едно вегетаријанско јадење без месо, но верувајте дека е многу, многу вкусно. Секако, ова јадење може да се послужи како прилог, но и како главно јадење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг компир, 1 главица кромид, 1 голем морков, 1 црвена пиперка, 3 лажици масло, 1/2 лажичка црн пипер, 1 лажичка сув зеленчуков зачин, 1/3 лажичка лук во гранули/прав, 2 јајца, 2 лажици кисела павлака, 1 лажица брашно (не мора), 200 мл млеко, 100 мл јогурт, малку магдонос и слатка зачинска пиперка




ПОСТАПКА: Најпрво компирот измијте го, излупете го, уште еднаш измијте го и исечете го на коцки со средна величина. Парчињата е пожелно да бидат со еднаква големина за да се сварат рамномерно истовремено. Ставете го во тенџере со вода и варете го додека да омекне.




Една главица кромид исечкајте ја ситно на коцкички. На малку масло пропржете го кромидот додека да омекне и застакли. Потоа додајте еден поголем изрендан морков (или два-три помали), и една црвена пиперка исечкана на коцки.




Промешајте и продолжете со динстање. Зачинете го зеленчукот со половина кафена лажичка црн мелен пипер, 1 полна лажичка сув зеленчуков зачин (вегета) и малку лук во прав по вкус (а, ако сакате, ставете свеж лук). Добро промешајте и динстајте го зеленчукот додека да омекне.




Намастете еден керамички сад (или плех обложен со хартија и намастен), па истурете го внатре сварениот и процеден компир. Потоа додајте го и испржениот зеленчук, па промешајте внимателно за да се изедначат состојките.




Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени, а за тоа време, во посебен сад изматете две јајца, додајте две полни супени лажици кисела павлака, 200 мл млеко, 1 полна супена лажица брашно, па добро изматете за да не останат грутчиња од брашното. На крај додајте и околу 100 мл јогурт.




Со оваа мешавина прелијте го компирот и зеленчукот, протресете малку за да се распореди рамномерно, наросете одозгора сув магдонос или босилек и малку слатка зачинска пиперка. Прекријте со алуминиумска фолија, па ставете да се пече во загреана рерна околу половина час.




Пред крајот тргнете ја фолијата зако сакате малку компирот да го потпечете. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.