На секоја домаќинка ѝ е сон да замесува меко и еластично тесто кое лесно се тегне, а после печењето излегува меко, сјајно и воздушесто. Овој рецепт е она што го барате. Испробајте го овој рецепт со кој на лесен начин ќе направите многу вкусно, ароматично тесто, меко како душа.

Јас од тестото подготвив кифлички кои ги наполнив со малку кашкавал, но филувањето е опционално. Од ова тесто можат да се прават секакви печива, како леб, кифлички и други останати печива, повкусни од секоја пекарница. Тестото е многу меко, а при стасувањето се формираат конци кои изгледаат на пајакова мрежа.

Овие кифлички се толку многу меки и се приготвуваат со путер, па поради тоа имаат посебна сјајност и се воздушести. Многу се меки и мирисни, сите ги обожаваат, а идеални се и за гости. Кога еднаш ќе го испробате овој рецепт, повторно ќе го правите. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 450 мл топло млеко, 10 г квасец, 1 лажичка сол, 3 големи лажици шеќер, 2 јајца, 50 г путер, 8 грама прашок за печиво, 750-800 г пченично брашно. За премачкување и наросување: 1 јајце, 1 лажичка млеко, сусам.

ПОСТАПКА: Во топлото млеко измепајте го растопениот путер, додајте ги двете јајца и 3 лажици шеќер и промешајте со жица или маталка. Потоа додајте го сувиот квасец и 1 лажичка сол. Промешајте и почекајте квасецот да се активира (побрзо се активира во топла просторија).

Додајте половина од брашното и прашокот за печиво, па повторно промешајте.  Со постепено додавање на остатокот од брашното замесете тесто. Добро измесете го, околу 5-6 минути на рамна површина, додека да стане компактно и мазно и да не се лепи под прстите.

Покријте го тестото со кеса и памучна крпа и оставете го да одмори само 10 минути. Потоа, измесете го уште 2-3 минути, па вратете го во садот каде што го замесивте првично. Покријте со стреч-фолија и оставете да ферментира приближно 1 час. Кога тестото ќе ја удвои својата големина, отстранете ја стреч-фолијата.

Ќе забележите дека тестото е многу еластично и меко. Без повторно да го замесувате, отворете го тестото, така што од средината ќе го влечете кон краевите на садот, и така во круг. Тестото е толку еластично и се тегне лесно, а изгледа како пајакова мрежа.

Развлечете го целото тестото додека на средина да се направи голема вдлабнатина, поврзана со тенки нишки кои треба да бидат испреплетени и поврзани на сите краеви. Откога ќе го направите тоа, завиткајте го тестото и домесете го уште малку, за да не се лепи. Потоа поделете го на два дела, па од секој дел поделете уште 6 парчиња.

Секој дел обликувајте го во топка. Ставете ги настрана под крпа, малку да нараснат, па развлечете ги во елипсовиден облик, колку што потенко можете. На едниот крај ставете малку кашкавал (не мора), па од таа страна завиткајте во ролат-кифличка.

Вака подготвените печива завиткајте ги на врвовите, односно добро прилепете ги. Виткајте ги и редете ги во плех, а потоа оставете ги уште малку да нараснат, па премачајте ги со мешавина од жолчка и малку млеко.

Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, а за тоа време кифлите малку ќе стасаат. Ставете ги да се печат во врелата рерна 25-30 минути, додека да заруменат. Кифличките може да ги наросите со сусам, јас половина ги наросив, а половина ги оставив мазни. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.