Понекогаш на ѕидот од дебелото црево (колон) може да се формираат мали испакнати торбички кои се нарекуваат дивертикулуми. Појавата на овие промени се нарекува дивертикулоза. Доколку овие торбички се воспалат и инфицираат настанува состојба наречена дивертикулитис.
Постојат вистински или „реални“ дивертикулуми и лажни или т.н. псевдодивертикулуми. Вистинските или „реалните“ дивертикулуми се состојат од сите слоеви на цревниот ѕид и тие се ретки, најчесто се вродена појава, додека лажните дивертикулуми ги немаат сите слоеви на цревниот ѕид.
Дивертикулумите кои се јавуваат на дебелото црево се најчесто лажни или псевдодивертикулуми и претставуваат хернијации на цревната мукоза (слузокожа) низ циркуларната мускулатура на ѕидот од дебелото црево на местата каде што кр-вните садови го пробиваат неговиот мускулен слој.
Тоа се слаби точки на ѕидот од цревото. Блиската поврзаност на кр-вниот сад со дивертикулумот може да биде причина за масивно кр-вавење како компликација на оваа болест. Дивертикулозата е честа појава во Западниот свет и се должи на намалената употреба на растителни влакна во исхраната, а зголемено консумирање шеќери и месо.
Ова заболување е ретко кај Африканците и Азијците, бидејќи овие народи консумираат храна богата со растителни влакна. Формирањето на дивертикулуми е исто така поврзано и со возраста. Тие се ретки кај индивидуи под 30 години, а се присутни кај две третини од популацијата над 80 години. Кај дивертикулозата постои здебелување (хипертрофија) на мускулниот слој на ѕидот на колонот.
Дивертикулитисот е состојба која ги погодува подеднакво и младите и старите, а гастроентерологот проф. д-р Војислав Перишиќ во емисијата на ТВ Прва објасни кои се симптомите и како оваа состојба може да се ублажи со правилна исхрана. Тој најпрво сликовито објасни што се дивертикули и зошто прават проблем:
„Кога имате црево со кое ја полевате градината, па долго време стои изложено на временски непогоди, на некои места на цревото ќе се појават испакнатини, нерамнини. Епа, ете така изгледа тоа и на нашите црева. Храната која поминува низ цревата почнува да се собира во овие испакнатини и тука да останува.
Затоа е многу важно редовно да консумирате храна богата со растителни влакна, наминици полни со целулоза за да можат цревата постојано да се празнат и да не се создаваат вакви вдлабнатини. Постоењето на истите можат да се потврдат со рендген и ендоскопија.
Таложењето на фекални материјали во овие вдлабнатини може да предизвика воспаление, гасови, грчеви и болки“, објасни докторот. Намирници кои ги препорачува тој во секојдневната исхрана се: портокали, мандарини, јаболка, кисела зелка, туршија, спанаќ, кромид…
„Сите овие намирници се богати со растителни влакна кои ќе ја „разредат“ столицата, која потоа само „ќе протрча“ низ цревата и нема да направи проблем ако ги имате овие тегоби“, објасни д-р Перишиќ. А кој е најчесто погоден од оваа состојба?
„Адолесценти, млади, возрасни и постари, но она што загрижува е фактот дека сè повеќе млади се засегнати од оваа болест. Тие не се чувствуваат добро, подуени се во стомакот, честопати имаат запек, лесно се уморуваат, им „кркорат“ цревата и не спијат добро.
Доаѓаат на преглед и откако ќе се направат потребните анализи, тие сфаќаат дека всушност не можат да ги дигестираат неферментабилните јаглени хидрати. Откако ќе спроведат 15 дневна диететска исхрана, проблемите исчезнуваат и состојбата им се подобрува“ – објасни докторот.
„Диетата влијае и врз психата, на тоа како ќе ви биде на работа, во љубовта… Мора да јадеме добро искомбинирано. Ако приготвувате црвено месо, тоа мора претходно да отстои во антиоксидативна маринада. Мора да отстои 24 часа. Маринадата со оригано и рузмарин и маслиново масло, ќе ги уништи оксидантите кога месото ќе се пече (грилува).
Па 15% од оброкот треба да содржи и масти, парче сланина можеби, за да се стегнат мускулите. И овошје, секако, за да внесеме антиоксиданти. Кога станува збор за овошјето, секако е подобро да се консумира цело отколку цедено, поради растителните влакна“, објасни тој.
„Изедете цел портокал, немојте да го цедите, ќе внесете многу повеќе несварливи влакна. Ако појадокот треба да има 350-400 калории, тогаш нека содржи приближно 100 г месо, 20 г масти (тоа е приближно една лист сланина), кафена лажичка маслиново масло доколку пржите јајца…ова нека ви бидат некои насоки“, дополни тој.
Кога цревата многу често кркорат, дали е потребно веднаш да се оди на лекар и како воопшто се утврдува дека проблемот произлегува од дивертикулите?
Во тенкото црево бактериите започнуваат да прават „ха-ос“ поради некоја инфекција со храна. Доаѓа до ферментација и гниење на несварената храна. Симптомите на дивертикулитис се најчесто следните: болка и зголемена осетливост во левиот долен дел од стомакот, промени во навиките за празнење, гадење, некогаш проследено со повраќање, покачена телесна температура и сл.
Дивертикулозата е многу честа појава, може да биде асимптоматска, така што повеќето пациенти не знаат дека ja имаат. Дивертикулитис е воспалителен процес кој се јавува кај околу 20% од пациентите со дивертикулоза. Настанува кога ќе дојде до излегување на цревната содржина од перфориран (прснат) дивертикулум, што доведува до т.н. периколично воспаление и инфекција.
Бидејќи дивертикулозата нема симптоми, најчесто се открива при случаен преглед. Доколку се јават симптоми дијагнозата за дивертикулитис се поставува врз основа на: клинички преглед, покачени леукоцити во кр-вната слика, aнализа на урината може да покаже дали имате инфекција на уринарниот тракт.
ДИЈАГНОЗА. Компјутеризирана томографија (КТ). Со овој метод се прикажува локализацијата на инфекцијата, раширеноста на воспалителниот процес, како и постоење на апцсес или други патолошки состојби.
Колоноскопија. Исто така оваа дијагностичка постапка може да помогне за да се исклучат други заболувања како улцеративен колитис или канцер. Но, колоноскопија не се прави доколку имате акутен на-пад на дивертикулитис поради ризикот од перфорација на дебелото црево. Обично колоноскопијата се прави 4-6 недели по смирување на акутниот напад.
ТРЕТМАН. Лекувањето на дивертикулитис зависи од тежината на симптомите. Кај некомплициран дивертикулитис со благи или умерени симптоми, третманот се состои од хоспитализација или амбулантски третман (кај полесна форма), со употреба на широк спектар антибиотици и инфузиони раствори, промена во начинот на исхрана, внес на повеќе течности.
Поголемиот број пациенти со оваа форма имаат подобрување на симптомите за 48 до 72 часа и најголем дел од нив нема да развијат друга епизода. По 4 до 6 недели од смирување на состојбата се прави колоноскопија за да се потврди дијагнозата или да се исклучи карцином на дебело црево.
ПРЕВЕНЦИЈА. Доколку еднаш се формира дивертикулум, тој не се повлекува. Затоа за да се спречат компликациите од дивертикулитис, потребно е да се јаде храна богата со растителни влакна, дa се внесуваат повеќе течности и да се превенира тврда столица.