Иако е посно, ова јадење е многу вкусно. Може да биде предјадење, прилог, но и главно јадење во време на пост.

Потребни состојки:

500 г пиперки
500 г ориз
2 моркови
2 домати
3 чешниња лук
магдонос, сол, црн пипер

Постапка:

Измијте ги пиперките и исчистете ги од дршките и семето. Потоа ставете ги во топла вода и оставете ги малку да провријат. Веднаш тргнете ги од оган и процедете ги, па оставете ги да изладат.

Во вода ставете ориз и ситно сечкан или рендан морков, па варете додека оризот да омекне. Доколку постот не е на вода, морковот можете прво да го пропржите, па во него да го додадете измиениот ориз.

Сварениот ориз оставете го да подизлади, па додадете му сечкани домати, ситно сечкано лукче, сечкан магдонос, сол и црн пипер по вкус.

Убаво промешајте. Секоја пиперка наполнете ја со смесата од ориз. Наредете ги полнетите пиперки во еден огноотпорен сад, дополнете до половина со вода и прекријте ги со алуминиумска фолија или капак.

Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.