Посни СНИКЕРС коцки – ќе уживате во секој залак

Еве го рецептот за посните сникерс коцки кој многумина го баравте. Се приготвува од многу малку состојки, едноставен е и евтин.

За глазура употребете растопено чоколадо, а може и комбинација со растопени карамел бонбони. Декорирајте по желба и уживајте во секој залак.

Потребни состојки:

300 г шеќер
250 мл вода
125 г маргарин посен
100 г црно чоколадо посно
400 г кекси посни
300 г несолени кикирики потпечени

За глазура:

150 г црно чоколадо посно
2 лажици масло

Постапка:

Растопете 300 г шеќер во 250 мл вода, па откако ќе започне да врие намалете ја температурата. Мешајте убаво да се растопи и карамелизира, па додадете го маргаринот.

Промешајте ја смесата убаво да се растопи маргаринот, па додадете 100 г црно, квалитетно чоколадо искршено на коцки. Мешајте уште некоја минута за и тоа да се растопи и соедини.

Добиената смеса тргнете ја оган и додете ги искршените посни кекси. Доколку садот ви е мал, тогаш најдобро е кексите да ги искршите во некој поголем сад, па да ги прелиете со чоколадната смеса.

Додадете ги и сечканите кикирики (потпечени и изладени лесно се сечкаат врз даска со голем остар нож или измиксајте ги кратко во блендер или ставете ги во кеса па со чекан удрете неколку пати за да се искршат).

Мал дел од кикириките оставете за декорација, за наросување одозгора. Смесата излејте ја во помала тепсија претходно малку намастена или обложена со проѕирна фолија. Рамномерно распоредете и израмнете.

За глазура: Растопете го остатокот од чоколадото (150 г) со 2 лажици масло, на тивок оган/пареа или во микробранова печка, па прелијте го преку колачот.

Одозгора наросете сечкани кикирики, сечкани карамел бонбони или по ваш избор. Колачот оставете го во фрижидер неколку часови да се стегне. Сечете на коцки и послужете.

Loading...