Овие штанглички се многу слични на омилениот гријаж: карамелизиран шеќер, мед и ореви помеѓу две обланди. Многу се вкусни и идеални за посни слави, но и се секојдневна закуска. Во продолжение можете да прочитате неколку наши предлози за посни ситни колачи. Еве што ви е потребно:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 (посни штанглички со ореви) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г гранулиран/кристал шеќер, 250 г посен маргарин, 2 полни супени лажици мед, 200 г мелени посни бисквити, 200 г мелени или блендирани (ситно сечкани) ореви, 1 лист голема обланда (или 2 помали)

РЕЦЕПТ 2 (посни гријаж обланди) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 900 г шеќер, 220 мл вода, 375 г маргарин (посен, ако ја правите посната варијанта), 200 г мелени ореви, 250 г ситно сечкани ореви, 450 г мелен кекс (посен, ако ја правите посната варијанта), 2 листови обланди.

рецепт 2




ПОСТАПКА за рецепт 1: на многу тивок оган оставете го шечерот да се растопи, а потоа и да се карамелизира. Внимавајте да не ви загори и да нема грутчиња. На почетокот протресувајте го садот, а кога ќе се растопи шеќерот промешувајте го додека да добие карамел боја (најдобро е да се користи сад со светло дно за да се следи бојата.

рецепт 1




Во карамелизираниот шеќер додајте го маргаринот исечкан на помали листови, а потоа и медот, па сето заедно мешајте додека убаво да се растопи и соедини во еднолична смеса. Оставете малку да проврие, па тргнете од оган. прво додајте ги оревите, промешајте, а потоа додајте ги мелените бисквити.




Обландата пресечете ја на два еднакви делови, па целата смеса откако добро ќе ја измешате со изедначите, истресете ја на рапавиот дел од обландата, распоредете рамномерно и израмнете. Поклопете со вториот лист обланда (со рапавата страна надолу, а мазната да гледа нагоре).




Притиснете со дланките за да се залепи и израмни, а потоа поставете одозгора некоја тацна или даска, а врз неа нешто тешко до 1 кг, да се оптерети обландата и убаво да се залепи (не мсее да биде нешто претешко, зашто филот ќе истече од страните). Изладете, сечете штанглички и послужете. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Во тенџере на загрена рингла ставате 900 г шеќер и оставете го да се стопи, но многу е важно притоа да не мешате, туку да го оставите сам да се растопи на умерено ниска температура со повремено протресување на тенџерето.




Треба да внимавате да се топи на средна температура, а не на многу висока, бидејки така можете само да го изгорите и да има горчлив вкус. Кога ќе се карамелизира додајте 220 мл вода и оставете да се растопи и смесата да се зготви како шербет.




Додајте го маргаринот исечен на помали парчиња и промешајте за да се растопи и соедини со карамелниот сируп. Потоа процедете го низ цедалка во друго тенџере за да се одбегнат евентуални грутчиња во филот. Процедената течност вратете ја во тенџерето и повторно оставете да зоврие.




Кога ќе започне вриењето додајте ги мелените ореви. Промешајте за да се соединат и потоа додајате ги ситно сечканите ореви. Повторно промешајте и на крај додајте ги мелените бисквити и непрекинато мешајте додека да се добие убава густина, односно хомогена смеса.




Важно е за сето време да готвите на средна температура. Бидејки филот брзо се лади и со самото тоа брзо згуснува, потребно е кога ќе го тргнете од рингла, веднаш да го излеете врз обландата.

Целиот фил го ставате на средина на едната обланда и потоа го распоредувате рамномерно низ целата површина. Врз филот ставете ја и другата обланда. Малку притиснете ја одозгора за да се залепи филот, па оставете да се олади и стегне.