Ајварките –погачици се многу вкусни кои се печат во рерна без дополнителни масти. Може да ги послужите за појадок или вечера, но интересни се и да ги сервирате како предјадење или закуска. Одлични се за време на пост. За да ги приготвите овие посни погачици, ќе ви бидат потребни следните состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г испасиран варен компир, 250 г посен маргарин, 400 г брашно, 20 г квасец, 3 лажици ајвар, ½ китка магдонос, малку шеќер, 1 лажичка сол. По вкус може да додадете и малку ситно сечкани перца од млад кромид или праз, или нешто по вкус.




ПОСТАПКА: Излупете го компирот, исечете го на крупни коцки и ставете го да се вари во тенџере со посолена вода. Квасецот издробете го во чаша заедно со малку шеќер и малку млака вода. Може да додадете и лажичка брашно. Измешајте убаво за да се растопи шеќерот.




Вака изматениот квасец оставете го на топло место околу 10-тина минути за да се активира и запени. Маргаринот пенасто изматете го со електричен миксер, додајте сол, ајвар и сечкан магдонос. Продолжете да матите додека да добиете изедначена смеса.




Додајте го испасираниот компир и активираниот квасец. Матете доколку имате продолжетоци на миксерот за тесто или продолжете го месењето рачно. Замесете компактно тесто кое не се лепи и од него развлечете кора со оклагија, со дебелина од 2 см. Сечете погачици со чаша и редете ги во плех обложен со хартија за печење.




Секоја погачица премачкајте ја со малку ајвар. Оставете ги погачиците да стасуваат покриени околу 15-тина минути колку малку да нараснат и да станат воздушести, а потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат, околу 10-тина минути.

ПОСНИ МЕКИЦИ: Шушкави, меки како душа, шупливи и многу вкусни

Домашните уштипци или мекици се многу вкусни, а се приготвуваат без јајца и млеко, па доколку постите може да ви бидат одличен појадок или вечера.




РЕЦЕПТ ЗА ПОСНИ МЕКИЦИ. Со брашно, вода и квасец ќе добиете вкусен оброк или десерт, во зависност од тоа дали ќе одлучите да ги наросите со шеќер во прав или да ги премачкате со мед или џем. А може да ги јадете и со ајвар, сирење, јогурт…затоа што имаат неутрален вкус.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 250 мл млака вода, 20 г свеж квасец (половина коцка свеж квасец), 1 рамна лажичка шеќер, 1 рамна лажичка сол и масло за пржење

ПОСТАПКА: Квасецот издробете го во 250 мл млака вода, додајте лажичка шеќер и добро промешајте за да се раствори. Во подлабок сад ставете го брашното, направете вдлабнување па во него ставете го растворот со квасецот и оставете 10-тина минути за да се активира.




Солта наросете ја во брашното, на страна (не во квасецот, за да не го стопира активирањето). Потоа замесете го тестото кое треба да биде меко и да се одвојува од страните на садот (малку лепливо за рака). Месете го тестото без многу притискање, за да може да се наполни со воздух (погледни видео).




Потоа покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да стасува околу половина час додека да се удвои. Стасаното тесто истресете го на добро набрашнета работна површина и премесете го малку. Потоа со помош на оклагија развлечете го во кора со дебелина од приближно 5 мм, сечете правоаголници (оваа форма најмногу одговара, бидејќи најбрзо и најубаво се пржат).




Исечените правоаголници покријте ги со памучна крпа и оставете ги да одморат 10 минути. Потоа пржете ги во умерено загреано масло. Спуштајте ги во маслото со страната која била нагоре. Кога ќе заруменат од двете страни вадете ги во чинија со хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.