ПОСНИ ПИВАРКИ…Вкус од нашето детство, какви што ги правеа нашите мајки и баби…
„Секој залак е враќање во минатото, кога кујните мирисаа на љубов и едноставност“, вели мојата баба секогаш кога ги спомнуваше овие посни пиварки.
Во пресрет на Велигденскиот пост, кога се откажуваме од мрсната храна и се препуштаме на духовно прочистување, овие колачи доаѓаат како слатка утеха, пишува НМД.
Без јајца, млеко или путер, тие се совршени за постот, а сепак толку вкусни што остануваат омилени и надвор од овие денови. Зошто ги сакаме?
Затоа што се едноставни, носталгични и носат топлина од времето кога нашите мајки и баби ги подготвувале со љубов за целото семејство. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки:
– За тестото:
– 900 г брашно
– 250 мл масло
– 400 мл пиво
– 4 лажици шеќер
– 1 кесичка прашок за печиво
– За полнење:
– 300 г сечкани или мелени ореви
– За валкање:
– 200 г кокосово брашно
– За шербет:
– 700 г шеќер
– 600 мл вода
– 1 лимон (сок)
– НМД
Постапка:
Во длабок сад измешајте ги брашното, маслото, пивото, шеќерот и прашокот за печиво. Месете додека да добиете меко и еластично тесто што не се лепи за рацете.
„Тестото е душата на пиварките“, би рекла мојата мајка – оставете го да отстои неколку минути.
Поделете го тестото на топчиња. За малку поголеми пиварки направете 45 топчиња, а ако сакате помали, поделете го на 60. Секое топче раcукајте го во тенок круг.
Во средината на секој круг ставете по една лажичка ореви, па преклопете го тестото и затворете го во форма на полумесечина или топче, по ваша желба.
Наредете ги пиварките во тава обложена со хартија за печење. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 °C околу 20 минути, додека да добијат лесна златна боја.
Во тенџере ставете ги шеќерот, водата и сокот од еден лимон. Оставете да зоврие, па тргнете го од оган и оставете малку да се излади.
Изладените пиварки потопете ги во топлиот шербет за да впијат од слатката течност, а потоа извалкајте ги во кокосово брашно.
Преостанатиот шербет прелијте го врз пиварките во тавата за дополнителна сочност.
Оставете ги да се изладат и уживајте во овој посен деликатес што го спојува минатото со сегашноста. На здравје и благ Велигденски пост! Видеото со постапката погледнете го ОВДЕ:
https://www.facebook.com/share/r/1ENkm78vUK/?mibextid=wwXIfr