Фото и рецепт: Олгица Јосифоска

Рецептот за овие вкусни, сочни колачи ни го претстави нашата драга членка Олгица Јосифоска во групата НМД рецепти. Колачите се парени и посни, одлични за секаква пригода.

Потребни состојки:

250 мл пиво
250 мл масло
1 кесичка ванилин шеќер
1 кесичка прашок за печиво
4 лажици гриз
брашно по потреба (нешто помалку од 1 кг)

за шербет:

900 г шеќер
1 литар вода
1 кесичка ванилин шеќер

Постапка:

Од сите состојки се замесува меко тесто, а брашно се додава по потреба. Мене од 1 килограм брашно малку ми остана.

Количината на брашно всушност зависи од видот на брашното, важно е тестото да не биде тврдо, но да се одвојува од прстите и да може да се обликува, а притоа да не го губи обликот.

Од тестото правете топчиња и ставајте ги на ренде од страната за ситно рендање, па со прстите издолжете го топчето во правец на сечилата за да се формираат “боцките”. На развлеченото тесто по желба можете да ставите ¼ јатка орев, па да го свиткате во ролничка, водејќи сметка да не се нарушат “боцките”.

Вака приготвените колачи редете ги во намастен плех или обложен со хартија за печење, без поголемо растојание помеѓу нив.

Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15-тина минути, односно додека да добијат убава боја. Во меѓувреме сварете го шербетот.

За шербет: Во тенџере ставете шеќер и прелијте со вода. Ставете на оган, па откако ќе зоврие варете околу 15 минути, за да се формира благ сируп.

По желба можете да додадете лимонов сок и ванилин шеќер. Топлите колачи малку подизладени се прелеваат со топол шербет.

Фото и рецепт: Олгица Јосифоска