ПОСНИ КОЛАЧИ И БАКЛАВА ЗА БАДНИК И НОВА ГОДИНА: Рецепти и фотографии на Анета Ане. Многу вкусни и брзи колачи кои се прават за час, можете да си ги јадете колку сакате за време на посните денови без да имате грижа на совест.

Фото и рецепт: Анета Ане




I Рецепт-баклава. Ќе ви бидат потребни следниве состојки: 500 г кори за баклава, 300 г мелена плазма, 300 г сечкани ореви, 300 г сечкани лешници, 3 црни чоколади за готвење, 5 кесички ванилин шеќер, 300 г посен маргарин.




Постапка: Плазмата, лешниците, оревите и ванилиниот шеќер и ги мешаме и ги рендаме чоколадите на покрупната страна од рендето. Ги додаваме во мешавината од плазма и јаткасти плодови и убаво мешаме. Плехот каде што ќе ја редиме и печеме баклавата го намастуваме со растопен маргарин.




Земаме една кора и ја премачкуваме со растопен маргарин, врз неа ставаме уште една кора, и таа ја намастуваме и по целата втора кора ставаме од филот. Секоја наредна кора се премачкува со растопен маргарин, а на втората се става од филот и така сè додека да се потроши материјалот.




Со последната кора ја завршуваме постапката и само ја премачкуваме со растопен маргарин. Така спремна баклавата ја ставаме да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени додека да се испече убаво. Во меѓувреме го подготвуваме шербетот: 1 кг шеќер и 800 мл вода ставаме во тенџере да зовријат, потоа додаваме 2 кесички рум шеќер и се остава да вари уште 10 минути.

Фото и рецепт: Анета Ане




Откако ќе ја испечеме баклавата оставаме да се излади и со млак шербет ја поливаме. Пожелно е да отстои 1 вечер за убаво да го впие шербетот. II Рецепт- пиварки.

Потребни состојки за пиварки: 200 г гриз, 200 г кокос, 200 г мелени ореви, 200 г брашно, 350 мл пиво, 250 г масло, 2 кесички рум шеќер, 2 кесички лимон шеќер, 1 печиво.




Постапка: Од овие состојки се замесува тесто (освен кокос) и се прават колачи со големина на орев. Внатре можете да ги полните со мармалад, локум, да ставите еден орев, бадем или лешник, а може и ништо да не ставите изборот е ваш.

Фото и рецепт: Анета Ане




Се печат колачите на 180 степени додека убаво да заруменат. Во меѓувреме го подготвуваме шербетот: 1 кг шеќер и 800 мл вода ставаме во тенџере да зовријат, потоа додаваме 2 кесички рум шеќер и лимон шеќер и се остава да вари уште 10 минути на тивок оган.




Откога ќе стане млак се преливаат колачите со него од двете страни да останат по половина час за да го впијат шербетот и на крај се валкаат во кокос. Посни емби колачи. Потребни состојки: 250 г ситни житарици чоколадни, 250 г маргарин, 5 лажици мед, 200 г сусам, 200 г кршени ореви, 2 црни чоколади, 4 лажици какао, 150 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер.




Постапка: На оган во тенџере го ставаме маргаринот да се растопи во чоколадите, шеќерот, медот и ванилиниот шеќер. Потоа го додаваме сусамот и крсените ореви. Сета оваа смеса ја истураме врз житарките и додаваме 4 лажици какао.




Убаво мешаме да се соедини смесата. Внатрешниот дел од цедалката за лимон го намрсуваме и го полниме со смесата. Полека го тапнуваме со раката калапот за да излезе колачето. Така сите се прават по ред додека да се потроши смесата. Можете да ги декорирате по желба.

Фото и рецепт: Анета Ане