Фото и рецепт на Верица Николиќ – Посни и неодоливо вкусни кокосови гнезда. Се приготвуваат едноставно од неколку посни состојки. Како фил можете да употребите било каков посен фил по ваш избор.

Потребни состојки: 200 мл вода, 250 г шеќер, 150 г путер/маргарин посен, 100 г чоколадо за готвење – посно, 100 г кокосово брашно, 250 г мелени кекси – посни. Уште ќе ви биде потребно: кокосово брашно за валкање на топчињата и посен чоколаден крем за полнење на гнездата.

Постапка: Во едно тенџере ставете вода, шеќер, исечкан маргарин и издробено чоколадо. Тенџерете ставете го рингла на умерена температура и мешајте со жица за матење додека да зоврие.

Кога сите состојки ќе се соединат во еднолична смеса, тенџерето тргнете го оган и додадете го кокосовото брашно. Промешајте со лажица, а потоа додадете ги и мелените кекси. Добро промешајте.

Смесата покријте ја со проѕирна фолија (ставете ја директно врз смесата), па оставете да се олади на собна температура. Потоа оставете ја во фрижидер околу половина час, односно додека убаво да стврдне за да може од неа убаво да се формираат топчиња.

За мене мерка ми беше една лажичка за едно топче. Значи, со мала лажичка црпете од смесата, да биде до врв полна, потоа смесата ставете ја на дланката од лева рака, па со помош на двете раце формирајте го топчето.

Со прстот притиснете во средина од топчето за да направите вдлабнување, а кое подоцна ќе го исполните со чоколаден посен крем. Топчето влакјате го во кокосовото брашно.

Вака приготвените гнезда редете ги во тацна за колачи. На ист начин направете ги и истанатите топчиња додека да ја потрошите целата смеса. Чоколадниот крем ставете го во шприц за декорирање торти, а продолжетокот ставете го по ваш избор.

(Јас користев мал ѕвездест продолжеток), па со кремот наполнете ги вдлабнувањата на топчињата. Колачот оставете го во фрижидер најмалку два часа пред употреба и уживајте во неговиот вкус. Посен крем можете да приготвите и од посна течна павлака изматена со додаток на посно растопено чоколадо.