Ајварките –погачици се многу вкусни кои се печат во рерна без дополнителни масти. Може да ги послужите за појадок или вечера, но интересни се и да ги сервирате како предјадење или закуска. Одлични се за време на пост. За да ги приготвите овие посни погачици, ќе ви бидат потребни следните состојки:

250 г испасиран варен компир, 250 г посен маргарин, 400 г брашно, 20 г квасец, 3 лажици ајвар, ½ китка магдонос, малку шеќер, 1 лажичка сол. По вкус може да додадете и малку ситно сечкани перца од млад кромид или праз, или нешто по вкус. Постапка:

Излупете го компирот, исечете го на крупни коцки и ставете го да се вари во тенџере со посолена вода. Квасецот издробете го во чаша заедно со малку шеќер и малку млака вода. Може да додадете и лажичка брашно. Измешајте убаво за да се растопи шеќерот.

Вака изматениот квасец оставете го на топло место околу 10-тина минути за да се активира и запени. Маргаринот пенасто изматете го со електричен миксер, додадете сол, ајвар и сечкан магдонос. Продолжете да матите додека да добиете изедначена смеса.

Додадете го испасираниот компир и активираниот квасец. Матете доколку имате продолжетоци на миксерот за тесто или продолжете го месењето рачно. Замесете компактно тесто кое не се лепи и од него развлечете кора со оклагија, со дебелина од 2 см. Сечете погачици со чаша и редете ги во плех обложен со хартија за печење.

Секоја погачица премачкајте ја со малку ајвар. Оставете ги погачиците да стасуваат покриени околу 15-тина минути колку малку да нараснат и да станат воздушести, а потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат, околу 10-тина минути.

Доколку ве интересира прочитајте го и следниот рецепт за “Непечени солени ролати за слави и празници: Три посни ролати од една смеса”. Ова е практично предјадење за секаква пригода, ролатите се многу вкусни, но и декоративни кога ќе се нареадат шарени во чинијата.

Непечени солени ролати за слави и празници, многу вкусни, се приготвуваат од посни крекери и варен компир а додатоците може да бидат различни, да ставите она што имате, па така се добиваат различни вкусови и бои. Рецепт и видео презентација на “Шерпица” – 3 Посни ролати од една смеса.

Потребни состојки за основна смеса: 1200 г компир, 400 г крекери, 250 г посен мајонез, 3 чешниња лук и сол по вкус. Постапка: Компирот измијте го и излупете го, па сварете го заедно со лукот. Водата не ја фрлајте и во неа веднаш сварете ја и пченката (шеќерец).

Откако ќе се свари и пченката за околу 5 минути, извадите ја и неа од водата, па во истата сварете го спанаќот за што исто така, ќе ви бидат потребни 5 минути. Значи, не валкајте посебни тенџериња, во истата вода сварете го компирот, па пченката па спанаќот.

Лукчето од водата извадете го бидејќи тој послужи само како арома. Врелиот компир изгмечете го како за пире и оставете го малку да подизлади. Додадете ги мелените крекери, мајонезот и сето убаво со раце измесете го за да се соедини. Се добива околу 1500 г тесто, такашто за секој ролат се потребни околу 500 г.

Останатите состојки може да бидат и по ваш вкус. Еве неколку комбинации: ПРВ РОЛАТ: 1 лажичка куркума (за тестото), 50 г спанаќ, 100 г посен мајонез и сол по вкус. Тестото измесете го куркумата за да добие жолта боја. Помеѓу 2 листа хартија за печење развлечете го тестото со оклагија.

Потоа премачкајте го со сечкан спанаќ во кој сте додале мајонез и малку сте го посолиле по вкус. Завиткајте го ролатот со помош на хартијата и оставете го така завиткан до следниот ден, во фрижидер за да се стегне.

ВТОР РОЛАТ: 1 лажица оригано (за тестото), 3 лажици кечап и 180 г туна. Тестото замесете го со оригано, па како и претходното тесто развлечете го помегу два листа масна хартија со помош на оклагија. Измешајте ја туната и кечапот па премачкајте и свиткајте во ролат. Оставете да излади.

ТРЕТ РОЛАТ: 3 лажици ајвар (за тестото), 200 г пченка (шеќерец) и 100 г посен мајонез. Тестото измешајте го со ајварот и замесете, па развлечете кора исто како претходните. Измешајте мајонез и варена пченка, премачкајте, свиткајте во ролат па оставете да излади и да се стегне. Целата постапка можете да ја погледнете ОВДЕ.