Пригответе ја оваа посна торта со суви сливи, банани, ореви, урми и рогач, многу е вкусна и здрава, посна, веганска и одлична за сите оние кои имаат „мрзливи црева“. Ако сакате нешто вкусно, благо и ептен здраво, тогаш овој рецепт е вистинскиот за вас. Се приготвува најбрзо што може, а сите состојки се екстра здрави. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г ореви, 13 свежи урми, 270 г суви сливи, 3 големи зрели банани (заедно со кората 500 г), 4 супени лажици мелен рогач. Мелен рогач можете да најдете во речиси секоја подобро снабдена продавница за здрава храна или супермаркет, Краш или во одделот за здрава храна во некои аптеки.




ПОСТАПКА: Во блендер сомелете ги оревите заедно со урмите, па таа смеса натапкајте ја во калап со величина 20 см, како подлога. Доколку немате ваков калап, тогаш може да се послужите со било кој сад, огноотпорен сад (па дури и тенџере), кој ќе го обложите со проѕирна фолија.




Сувите сливи потопете ги во топла вода 10 минути за да набубрат малку, односно да хидрираат, а потоа исцедете ги и изблендирајте ги. Секако, може да користите и свежи сливи. Бананите испасирајте ги со виљушка, па рачно измешајте ги со сливите и рогачот.




Оваа смеса рамномерно распоредете ја врз подлогата, убаво израмнете и тортата оставете ја во фрижидер да преноќи. Одозгора можете да ја наросите со мелени ореви или да ја украсите со мали топчиња направени од смесата за подлога (ако тргнете малку настрана).




Во смесата можете да додадете и неколку капки од некој ликер (или сливова ракија), чисто колку да замириса и ако не ја послужувате на деца. Доколку сте пак љубители на брзите колачи со свежо летно овошје како што се кајсиите или сливите, тогаш следниот рецепт е токму за вас:

(ВТОР рецепт) Лесен освежителен колач со кајсии или сливи кој се прави додека сварите кафе. Со само неколку состојки кои веќе ги имате во кујна, направете еден едноставен, а многу вкусен колач со било кое сезонско овошје кое ви се наоѓа при рака.

Потребни состојки: 5 јајца, 250 г шеќер, 200 мл јогурт, 100 мл масло, 240 г брашно, 1 прашок за печиво, кајсии или некое друго овошје и шеќер во прав за наросување.




Постапка: Изматете ги пенасто белките со постепено додавање на шеќерот. Додајте жолчки (најдобро една по една) и продолжете го матењето додека целиот шеќер да се растопи и смесата да се удвои. Додајте јогурт и масло и само малку измешајте со миксер на најмала брзина.




Исклучете го миксерот. Просејте го брашното и прашокот за печиво, па внимателно измешајте го со јајцата, со превртување на лажицата/шпатулата за да остане смесата воздушеста. Плех со димензии 20х30 см обложете го со хартија за печење, па излејте ја смесата и израмнете.




Одозгора наредете измиени и исчистени од семки кајсии. Печете на 180 степени околу 20 минути или во зависност од вашата рерна. Најдобро е да проверите со чепкалка. Изладениот колач исечете го и наросете го со шеќер во прав. / Coolinarka.com